Поранешна вработена во продавницата за чевли на холивудската актерка Сара Џесика Паркер, Хедер Холт, тврди во тужбата што ја поднела до Врховниот суд во Њујорк дека актерката и нејзиниот деловен партнер Џeорџ Малкемус не ѝ го исплатиле прекувременото работно време во периодот од 31 декември 2018 година па сѐ до 1 март 2020 година.
„На тужителката не ѝ се соодветно компензирани прекувремените часови за сите часови што ги одработила над тие четириесет во работната недела“, стои во тужбата каде не е спомнато за колкав паричен износ станува збор.
Хедер Холт од Сара Џесика Паркер бара надомест на платите, како и камати и парични казни.
– Сите во Њујорк заслужуваат да бидат платени за времето што го одработиле. Кршењата на законот за плати се сериозни и секој работодавец што ги прекрши треба да одговара за тоа, дури и познатите луѓе како неа – изјавил адвокатот на Хедер.
Инаку, Сара Џесика има две продавници во Њујорк, како и по една во Лас Вегас, Мериленд, Дубаи, Абу Даби и Канада.