Самоубиството како милозлив чин
Не велам дека светската историја не забележала „самоубиства“ на држави (мистериозното „пропаѓање“ на царствата на Инките и Ацтеките, референдумот за „аншлусот“ на Австрија во 1938 итн.), но вакво свесно и крајно мазохистичко самоубиство е веројатно само наш современ придонес во оваа наука.
Просто е неверојатно како власта, директно (преку најистурените функционери) и индиректно (преку стадото ботови, „аналитичари“ и „експерти“), го трча маратонот на лагите во врска со започнувањето на преговорите со ЕУ. Сите се здружени во рефренот дека „наш единствен услов за продолжување на преговорите останува само вметнувањето на Бугарскиот народ во нашиот Устав“, испраќаат пораки (небаре се поштари!) до народот дека „Не е точно дека Бугарија може кога сака да не блокира поради историските прашања“, урлаат дека „Никој не смее да ја украде и измени нашата историја“… и слични будалаштини што во реалноста ама баш ништо не значат. Дури манипулираат и со поддршката од „мнозинството народ“, кој пак во цели 70% се изјаснува против ваквото нивно „евроинтегрирање“.
Несфатливо е како не разбираат дека се на само чекор пред историскиот амбис диктиран од источниот сосед и меѓународната заедница, пред сериозни прекршувања не само на македонската современа и подалечна историја туку и пред вистински културно-образовен геноцид. Но, за тоа никој не е подготвен да разговара јавно, нивната клиентела меѓу т.н. невладини организации го „истражува“ руското „влијание и пропаганда“ кај нас но не и секојдневната тортура со диригирани дезинформации и „анализи“ на локалните владини „ботови“ и абоненти за лошите политики на власта. Нам Украина ни стана поважна од сопствената земја, по ѓаволите!
Ни оние „горди“ денунцијанти на божемни спинови и лажни вести ги нема никаде кога се во прашање владините лаги и извртувања на вистината, но на секоја кривина ја чекаат глупоста на опозицијата за да ја оцрнат пред јавноста. Во што таа сесрдно им помага, се разбира. Оттука, ние одамна се препелкаме во предворјето на првиот амбис – недемократскиот односно антидемократскиот, којшто понатаму (ќе) нѐ влече до самото дно каде што друг ќе ни ја редактира историјата, ќе ни ги допишува учебниците, ќе ги сквернави спомениците…
Зашто, го сакала тоа власта или не, сето тоа е запишано во тој проклет Протокол од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија формирана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, што упорно го бришат од јавната меморија, но тој е мирно притаен во Договорот за пријателство и добрососедство и ги чека своите пет минути. И тие ќе дојдат, кога-тогаш. Дел од нив се веќе тука! Во меѓувреме, целата владина тајфа, сосе абонентите, не смее ни да праша кој го овласти оној провинциски политикант да потпишува таков понижувачки меѓудржавен договор. Никој дури ни не размислуваше дали навистина тој договор беше така бетониран и нераскинливо врзан со нашиот евроинтегративен пат. Досега, за овие изминати пет години, попрво можевме да склучиме договор дури и со некои вонземјани од Алфа кентаури и истиот да го раскинеме, но овој со Бугарија е изгледа – неуништив. Таков мазохизам е невиден во меѓународни рамки!
Затоа и велам дека Македонија дефинитивно се наоѓа на историски крстопат. Но, ниту една можна насока не нуди „светла иднина“. Ако внесувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот е само првиот чекор кон тотално нејасна утрешнина, активирањето на одредбите на Протоколот како незаобиколлив чин на меѓудржавна културна агресија е вториот. И Бугарија би била луда од тоа да се откаже. Освен, се разбира, ако не ѝ понудиме нешто попримамливо. А „нашиве“, како што ги дал господ, може и тоа да го сторат.
И, за да нема повторно дилеми за тоа дали оваа власт е подготвена да оди докрај со исполнувањето на сите апсурдни и нецивилизирани барања на бугарската страна, посочувам на изјавата на Димитар Ковачевски во Собранието пред цели шест месеци (цитирано според „Слободен печат“ од 26 јануари 2023): „Премиерот Ковачевски денеска во Собранието изјави дека Владата за годинава планира реконструкција на сите споменици и спомен-обележја поврзани со Народнооослободителната борба, за што, како што рече, се обезбедени пари од Буџетот на државата, иако според Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, за подигањето, чувањето, одржувањето, заштитата на спомен-обележјата се надлежни општините, односно Градот Скопје.“
Зошто никој не го прашува „премиерот“, прво, од каде таа ненадејна грижа за спомениците и спомен обележјата токму од НОБ, и второ, од каде таква дарежливост на централната власт кон општините? Од кога спомениците и спомен обележјата во општините стануваат приротитет на оваа власт, но не и целосниот колапс на здравствените установи во градовите, немањето кадар, распадот на културните и образовните институции, иселувањето на младите… итн? Што тоа ја поттикнало оваа власт да троши пари за некои чудни намени но не и за она што од неа со години го бараат локалните власти? Или ова е само почеток на исполнувањето на „евроинтегративната агенда“ на Бугарија во Македонија, ама – на мала врата? И што навистина мисли Ковачевски за нас, дека сме малоумни деца кои може да ги лаже како ќе му се присака?
Што пак ќе рече дека и Министерството за култура, задолжено да склучи договори и меморандуми за соработка со општините во врска со спомен-обележјата од НОБ, ги решило сите други проблеми во културата па останал само процесот на „реконструкција“ на спомен обележјата? Или со ваквото „дотерување“ на меморијалните обележја по бугарски вкус сите други проблеми во културата, здравството, образованието… магично ќе ги снема?
Важен меѓучекор во оваа „акција“ на централната власт, а како случајно совпаѓање со одредбите на проклетиот Протокол како дел од шизоидниот Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија, ќе биде измислување на нова дефиниција за поимот „реконструкција“, бидејќи тој ама баш никако не го опфаќа она што им се подготвува на спомениците, а го бара источниот сосед: бришење на какво и да е спомнување на реченицата „бугарски фашистички окупатор“, која што. веројатно, или ќе биде целосно и неповратно отстранета или пак ќе се најде некоја бледа неутрална формулација која што ќе ги задоволи апетитите на Бугарија. Ќе ја „нашминкаат“ ли нашиве слепци, ќе ја „реконструираат“ ли и историјата на тој начин?
Впрочем, ваквата самоубиствена „реконструкција“ на историјата веќе започна – тивко и апсурдно мирно! – во образованието со менувањето на суштински делови што го тангираат „бугарскиот проблем“ во учебниците. Младите генерации полека ќе бидат индоктринирани со нова историска „реалност“, реконструирана според ставовите на онаа манипулативна т.н. Историска комисија и македонската власт.
Сето ова пак говори дека ние самоиницијативно односно доброволно веќе сме влегле во историскиот амбис – со двете нозе, дури и со рацете! – не чекајќи Бугарија да ги активира овие барања преку ново вето туку испреварувајќи го тој нивен потег самите си ја ставаме јамката околу вратот. Дали е тоа новата стратегија на оваа власт? Дали во неа е содржана „логиката“ дека ние предвреме ќе ги исполниме сите услови од Протоколот, дури и повеќе ако треба, со што навистина „Операцијата Бугари“ ќе се сведе само на нивното внесување во Преамбулата на Уставот? Иако тоа суштински ништо не менува освен фактот дека сакаме да го прикажеме самоубиството како помилозлив чин од – убиството? Дали можеби крајниот резултат на двата чина е различен или некому така му е полесно да мисли? И кому? Нема да се чувствува историски одговорен? Ќе мисли дека прелажал некого не разбирајќи дека единствените прелажани се државата и народот?!
И на ова ли мислел Ковачевски кога врескаше дека „Никој претходно, а камоли сега, не може да украде, измени или избрише векови и векови создавана и развивана традиција, култура и засебност!“. Ама може да ги – реконструира, нели?! По диктатот на соседот кој, конечно, почнал да се срами од своето минато па сака да го брише. А ние сме тука да му помогнеме со наше историско самоубиство!?
Не велам дека светската историја не забележала „самоубиства“ на држави (мистериозното „пропаѓање“ на царствата на Инките и Ацтеките, референдумот за „аншлусот“ на Австрија во 1938 итн.), но вакво свесно и крајно мазохистичко самоубиство е веројатно само наш современ придонес во оваа наука.
извор: Теодосиевски уметност