Министерството за внатрешни работи покрај на територијата на главниот град Скопје, спроведува засилени акциски контроли за санкционирање на непочитувањето на сообраќајните правила и прописи и во другите градови, меѓу кои и Струмица, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција во Струмица.
– Се санкционираат сите сообраќајни прекршоци, а особено оние кои што се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици, како што се управувањето на возило под дејство на алкохол, возење со брзина над дозволената, а се санкционираат и возачите на мотори кои не ги почитуваат правилата – рече Ангеловски.
Портпаролот на МВР апелираше до граѓаните на Струмица да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.
– Само за еден час во денешната акциска контрола во Струмица се изречени 60 санкции, пред се за нерегистрирани возила, возење без возачка дозвола, пречекорена брзина и др – соопшти Ангеловски, кој потенцира дека акциските контроли продолжуваат и во наредните денови, а целосните податоци од денешната засилена акциска контрола во Струмица ќе бидат презентирани утре.