САМО УВОЗ НА СТРУЈА НЀ СПАСУВА ПО ХАВАРИИТЕ ВО РЕК БИТОЛА Државата ќе плаќа скапа струја зашто го преспа времето за евтини набавки

Експертите, пак, велат дека во старт се доцни со подготовката за сезоната кога во земјава најмногу се троши струја, а дел од компаниите се исфрлени од слободниот пазар на струја и се свртени кон домашното производство и снабдувачот во краен момент ЕВН.

3,032

По испадот и на Блокот 1 на РЕК Битола од мрежата на електрична енергија и сè уште необезбедените потребни количини на јаглен и мазут се поставува прашањето колку се подготвени енергетските капацитети на земјава да обезбедат доволни количини на струја?

Владата најави прогласување на енергетска криза, но убедува дека струја ќе има и нема да има рестрикции. ЕСМ деновиве купува струја за критичниот период, но експертите и опозицијата се скептични дека лесно ќе се преброди кризата со вака подготвени енергетски капацитети и без навреме обезбедени јаглен и мазут. Според експертите во старт се доцни со подготовката за сезоната кога во земјава најмногу се троши струја, а дел од компаниите се исфрлени од слободниот пазар на струја и се свртени кон домашното производство и снабдувачот во краен момент ЕВН. Сега треба да се мисли како ќе се бајпасира состојбата, а најлесно е тоа да се направи со увоз на струја, ако за тоа се има пари.






ЕСМ најави дека и со исклучената термоелектрана во Битола потребите од струја моментално ќе ги задоволува од останатите капацитети, како и со веќе набавена електрична енергија, како резерва при вакви куси испади.

Зимава ќе работи и термоелектраната Осломеј, но се најави и активирање на ТЕЦ Неготино за која дополнително треба да се обезбеди мазут кој дополнително ќе ја чини државата близу 900 милиони евра ако се набават планираните 1,2 милиони тони мазут. Последната набавка на струја ЕСМ ја направило на 4 ноември. Од две фирми се купени 26.000 мегавати за 5,5 милиони евра. Набавката е само за еден месец а цената на мегаватот е некаде околу 211 евра.

Од владата велат дека сите активности што се преземаат, вклучувајќи набавка на дополнителни количини на јаглен, можноста за вклучување на ТЕЦ Неготино, се прават за да се одржи системот, обезбедувајќи ги потребните количества електрична енергија за граѓаните. Во однос на стопанството, сите активности се насочени кон обезбедување електрична енергија по поприфатливи цени од берзанските.

Денеска и Железници Инфраструктура самоиницијативно се вклучи во решавање на енергетската криза. Директорот на претпријатието Хари Локвенец изјави дека се преземаат активности да се стават во функција капацитетите за транспорт на јаглен и мазут.

Експертите, пак, велат дека во старт се доцни со подготовката за сезоната кога во земјава најмногу се троши струја, а дел од компаниите се исфрлени од слободниот пазар на струја и се свртени кон домашното производство и снабдувачот во краен момент ЕВН. Капацитетите не се технички подготвени за максимум производство, а не се обезбедени ниту потребните количини на јаглен и мазут. Тие забележуваат дека последните години не е изграден нов енергетски капацитет, а оние што ги имаме се стари или недоволно ремонтирани што се покажа и со последните хаварии во РЕК Битола. Според нив, насочувањето, пак, кон увоз на струја е најлесно, но и најскапо со оглед на тоа цената на струјата на берзите се менува од час на час, а е пропуштено да се купат навреме евтини количини.

– Во услови кога не е обезбеден јаглен, ниту мазут за работа на термоелектраните и при вакви чести испади на енергетските капацитети, она што останува е да се купува струја на странските пазари. Се разбира, ако се има пари за тоа или ако може да се земе уште некој кредит што секако ќе биде на сметка на идните генерации граѓани во земјава. Цената на берзите се менува, но кога е пропуштена навреме да се купи сега ќе се плаќа последната цена – вели професорот Константин Димитров.

Според него, главниот производител на струја во земјава е во хаварија моментално, од која може да излезе брзо, најмалку за 24 часа од последната и малку подолго од онаа во Блокот 3, но загрижува фактот што овој капацитет кој е најголем во земјава нема доволни количини јаглен за производство.

– Моментално РЕК Битола располага со резерви од 40.000 тони јаглен што е доволно за дневно производство на еден блок од термоелектраната. Доколку се вклучат сите три блока тогаш нема да има производство ниту еден ден. Значи сега требаше да има резерви од 600.000 – 700.000 тони јаглен. Но моментално во рудниците кај нас се копаат само 4.000 до 5.000 тони дневно што само по себе говори до каде сме подготвени. За активирање на ТЕЦ Неготино сè уште се размислува зашто и за оваа термоелектрана нема обезбедено мазут. Има само државни резерви за еден месец, а најавуваат потреба од 1,2 милиони тони мазут. Сето тоа говори дека состојбата е само на „ќе“- вели Димитров.

Неговите пресметки се дека и со сегашните цени на мазутот, производството на ТЕЦ Неготино би било поевтино од увозот.

– При сегашните цени на гасот и мазутот производната цена на ТЕЦ Неготино би била околу 200 евра за мегават што е пониско од последната купена количина на струја од 211 евра за мегават. Но, не е обезбеден ниту мазут. Количините не мора да бидат 1,2 милиони тони во еден месец. Засега единствено добро е што е активирана гасната централа КОГЕЛ и се купени одредени количини на струја од домашни приватни производители. Но и тоа е за еден месец – вели Димитров.

И професорот Антон Чаушевски, вели дека покрај увозот на струја моментално е добро да се активира и ТЕЦ Неготино.

– Сега е неминовно акритивирање на ТЕЦ Неготино, иако и за неа нема обезбедено мазут и не се знае во каква производна кондиција е термоелектраната. Но многу е полесно да се обезбеди мазут отколку јаглен, бидејќи ќе се користи Солунското пристаниште и железницата за тоа, а произведените количини на струја ќе бидат поевтини од оние на пазарот и побрзо ќе се вклучат во мрежата – вели Чаушевски.

За активирање на ТЕЦ Неготино се залагаат и други експерти, па и владата иако сите сметаат дека и мазутот има висока цена, а во меѓувреме се пропушти можноста оваа термоелектрана да се приклучи на гасоводниот систем за обезбедување евтин енергенс.

Според наједноставните пресметки за обезбедување на потребните количини на мазут за работа на оваа термоелектрана ќе бидат потребни дополнително 850 милиони евра, бидејќи ЕСМ најави дека за нејзино активирање се потребни 1,2 милиони тони мазут.

Според моменталната цена на килограм мазут, како што објави РКЕ на 1 ноември, максималната цена на килограм мазут изнесува 42,1 денари. Тоа значи дека еден тон чини 42.000 денари (700 евра), и за да се снабди ТЕЦ Неготино со 1,2 милиони тони мазут, ќе треба да се искешираат над 840 милиони евра. Моментално мазут за оваа термоелктрана се обезбедува од стоковите резерви кои според прописите се само за еден месец.

ТЕЦ Неготино има капацитет од 215 мегавати и е втор производен капаците по јачина во земјава. Денвно оваа термоелектрана може да произведува по 4.680 мегават-часови електрична енергија. Со тоа може да се задоволат 20 отсто од македонската потрошувачка на електрична енергија.

Но додека се санира дефектот во РЕК Битола и најавеното активирање на ТЕЦ Неготино преку МЕПСО денеска се повлекуваат дополнителни 30 до 40 мегаватчасови струја.

Владата најави кризна состојба со цел да ги покрие загубите на енергетските компании и незаконското повлекување на електрична енергија од европскиот пазар.

ВМРО-ДПМНЕ го оценува како крајно дилетантско управувањето на актуелната влада со енергетската криза и со енергетските ресурси. Во денешната реакција на најновата набавка на струја и на хаваријата во РЕК Битола побара одговорност од Владата.

– За жал, овој товар на македонската економија ќе биде претежок за граѓаните на Македонија, бидејќи сега недостатокот на електрична енергија ќе биде од увоз, а цените на берзите се сè уште високи. За вакво управување на енергетиката во Македонија, СДС и ДУИ ќе мора да си понесат одговорност – изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани содржини