САМО УСТАВНИТЕ ПРОМЕНИ ЖЕЛЕЗНИ ПОРТИ ЌЕ ОТВОРАТ Ставот на Софија кон Скопје не е променет, објави спикерот Желјазков
Бугарите како државотворен народ во рамките на РСМ е апсолутен предуслов за почеток на преговорите со Еврoпската комисија, изјави претседателот на Народното Собрание на Бугарија при посетата на Рим.
Бугарија верува дека Република Македонија ќе биде полноправна членка на Европската Унија врз основа на сопствен придонес. Сметаме дека ќе ги исполнат условите за членство и не треба да губат време, бидејќи најлошо е да губат време кое ќе се претвори во скептицизам. Потребни им се брзи одлучувачки акти и дефинитивни одлуки без да ја бараат причината надвор од себе. Многу е важно причините, намерите и успесите да бидат нивни.
Ова го изјавил претседателот на бугарското Народно собрание, Росен Желјазков, по завршувањето на посетата на Ватикан и на Италија, јави софиската агенција БГНЕС. Тој ја предводеше бугарската делегација на чествувањето на Денот на Светите браќа Кирил и Методиј, на кое од македонска страна присуствуваше претседателот на Собранието, Талат Џафери. Двете делегации заеднички положија венци цвеќе пред бугарската и македонската плоча во базиликата „Санта Марија Маџоре“.
Бугарскиот став за РСМ останува непроменет, изјавил Желјазков и додал дека за Бугарија е важен условот што го постави Европската комисија за уставната промена, во која се вклучени Бугарите како државотворен народ во рамките на РСМ.
– Ова е апсолутен предуслов за почеток на преговорите. Ова не е наше билатерално прашање, тоа е услов кој е поставен и евидентиран во условите за почеток на преговорите и го следи ЕК. Условите ги постави ЕК и за нас е важно тие да бидат исполнети бидејќи се поврзани со правата на Бугарите во РСМ – рекол бугарскиот спикер.