САМО УШТЕ ДВЕ ГОДИНИ ЗА СПАС НА СВЕТОТ ОД КЛИМАТСКАТА КРИЗА Дали ова драматично предупредување е само празна реторика?

326

Шефот на Обединетите нации за климата, Сајмон Стил, денеска изјави дека на човештвото му преостануваат уште две години да го спаси светот така што ќе направи драматични промени во емитувањето гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина.

„Сè уште имаме шанса да се намали емитувањето гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина со новата генерација на национални планови за климата“, рече Стил, истакнувајќи дека „секој човек на планетата има две години да го спаси светот“.






Тој оцени дека се повеќе луѓе ширум светот сакаат борба против климатските промени бидејќи „го чувствуваат нивното влијание во секојдневниот живот и во буџетот на домаќинствата“ и додаде дека „намалувањето на загадувањето со фосилни горива ќе значи подобро здравје и огромни заштеди за владите и домаќинствата“.

Мајкл Опенхајмер, научник од американскиот универзитет Принстон, рече дека предупредувањето „две години да се спаси светот“, во најдобриот случај е празна реторика и веројатно ќе биде игнорирана, а во најлошиот случај е контрапродуктивно.

Според американската влада, нивоата на јаглерод диоксид и метан во воздухот достигнале рекорд минатата година, но научниците пресметале дека глобалните емисии на јаглерод диоксид се зголемиле за 1,1 отсто. Минатата година беше убедливо најтоплата година досега, заклучија групите кои ги следат просечните температури.

Ако емисиите на јаглерод диоксид и метан од согорувањето на јаглен, нафта и природен гас продолжат да растат и не почнат нагло да опаѓаат, рече Стил, големите разлики меѓу најбогатите и најсиромашните земји и заедници во светот ќе продолжат и ќе се влошат со климатските промени.

Стил говореше пред состаноците на Светската банка и на другите големи мултинационални развојни институции, каде што помалку развиените земји се обврзуваат на големи реформи во системите за позајмување пари на сиромашните нации, особено оние погодени од катастрофи поврзани со климата.

Стил повика на значително зголемување на средствата за борбата против климатските промени оваа година. Тој повика на олеснување на долговите на земјите на кои тоа им е најпотребно, нагласувајќи дека тие трошат 400 милијарди долари за финансирање на долгот, наместо да се подготвуваат да ги спречат идните климатски промени.

Тој повика на поголема финансиска помош, а не само заеми, туку повеќе пари од различни групи како што се банките, Меѓународната поморска организација и Г-20, дваесетте најмоќни економии во светот. Тие земји се одговорни за 80 отсто од емисиите на стакленички гасови во светот, рече тој.

Стил додаде дека е време инвеститорите, министрите за финансии и банкарите да ги насочат илјадниците милијарди долари што ги даваат за енергија и инфраструктура кон почиста и поодржлива иднина, односно да се осигураат дека најсиромашните и најранливите земји корист од тоа.

 

Поврзани содржини