📷 САМО ТАА СЕ ОСМЕЛИ ДА ЖИВЕЕ СО ПЛЕМЕ ВО СИБИР Македонската режисерка ќе оди на арктичка обука за да издржи снимање на минус 60 степени
Режисерката Тамара Котевска и кинематограферот Жан Дакар се спремаат за арктичка обука во Норвешка за да можат да продолжат со снимање на температури од минус 60 во ноември и да тргнат на патување кое трае четири дена за да стасаат до најсеверната точка на сибирската тундра.
Четвртиот долгометражен документарен филм на режисерката Тамара Котевска кој се снима во Сибир е селектиран на престижниот копродукциски маркет на Венеција. Филмот „Мамутите кои избегаа од царството на Елрих хан“ се најде меѓу тесната селекција на копродукцискиот маркет на Венецијанскиот филмски фестивал. Со тоа, оваа година авторката ќе се претстави со два документарни филма на фестивалот.

Со нов филм речиси секоја година, а секој од нив на А категорија фестивали ширум светот, Котевска успева континуирано да ја позиционира Македонија на светската кинематографска мапа и да го одржи речиси неодржливиот стандард за квалитет во филмската индустрија, велат од нејзината продукција.
Овој пат поради новиот документарец таа заминала за Сибир на последната точка на север на планетава на која сè уште има цивилизација. Таму Котевска и кинематографот Жан Дакар на кои ова им е четврти заеднички проект („The Walk“, „Силјан“ како и „Човек против јато“ – новиот долгометражен филм кој заврши со снимање годинава во август) ја следеле изолираната приказна на шаманското племе Долгани во кое постои конфликт меѓу одгледувачите на ирваси и ископувачите на мамутски заби. Во Сибир поминале еден месец каде живееле заедно со племето во шатори направени од еленска кожа, јаделе и ловеле заедно со нив.
Умешноста за целосно инфилтрирање, разбирање и припаѓање во животот на своите протагонисти е една од ретките квалитети кои Котевска ги поседува како автор и кои се тајната на создавање толку интимно блиски и магични дела кои нѐ оставаат без здив. Котевска не прави филм поради правењето филм, за неа филмот е искусување непознати животи, антропологија и разбирање на психологијата на човештвото, како што вели самата.
Идејата и инспирацијата за овој филм потекнува од многу поодамна. Котевска и кинематограферот Жан Дакар кои се запознале на сириско-турската граница додека го снимале „The Walk“, откриле дека ја делат истата љубов кон Сибир и бескрајните снежни предели на северната точка на планетата, каде според Котевска отсекогаш се криеле некои од најинтригантните и најмистериозни приказни кои од многу рана возраст ѝ го одвлекувале вниманието преку страниците на списанието National Geographic – омилената литература на Котевска, каде се кријат најфасцинантните приказни за човекот и за природата и кое има направено најголемо влијание врз нејзиниот живот и изборот за она со што се занимава денес.
Заедно со Дакар се препознале во сензибилитетот на правење филмови и набрзо решиле да се впуштат во авантурата да направат филм на Сибир. И двајцата ја делат истата фасцинација со холандскиот фотограф и антрополог Џими Нелсон и неговата колекција „Before They Pass Away“.
Авторите се обидувале три години да го направат овој филм. После долг и речиси невозможен процес на барање на било каков контакт за да дојдат до племето Долгани, упорноста на Котевска ја однела до човек оженет за жена од племето кој им овозможил контакт со заедницата во Сибир. Но поради војната меѓу Русија и Украина, тие не можеле да заминат. Конечно, во 2024 година успеале да го направат своето прво патување и се вратиле со чудесен материјал кој веднаш ги позиционирал меѓу најпрестижните проекти селектирани на неколку светски фестивали и фондови за развој.
Котевска се јавува во улога на режисер и продуцент на филмот. До сега проектот е поддржан исклучиво од приватни финансии на авторите и ко-продуцентите бидејќи повеќето институции и национални фондови биле исклучително скептични да се впуштат во толку ризичен проект. Проектот моментално е во потрага по партнери и финансиери за да продолжат со снимање во ноември. Котевска и Дакар се спремаат за арктичка обука во Норвешка за да можат да продолжат со снимање на температури од минус 60 во ноември и да тргнат на патување кое трае четири дена за да се стигне до најсеверната точка на сибирската тундра.
Во меѓувреме се подготвува светската премиера на нејзиниот трет долгометражен документарен филм „Силјан“ за 29 август во Венеција, а американската премиера во официјална селекција на Торонто.
Поминаа четири години од снимањето на „Медена земја“. Котевска доби 3 награди на Санденс и 2 номинации за Оскар, како и долго патешествие со „The Walk“ со сириските бегалци низ Европа. Овој филм ја имаше својата премиера на престижниот фестивал за документарни филмови во Њујорк а потоа помина уште подолг пат околу светот на околу петнаесетина фестивали за документарен филм (Токио, Лос Анџелес, Англија, Франција, Јапонија, Јужна Африка, Швајцарија, Грција и други) и доби две гран при награди за најдобар документарен филм во Атина и во Лос Анџелес. Котевска доби награда како еден од најплодните автори во документаристиката од TRT во Истанбул.