ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГО ШТИТИ ФИЛИПЧЕ И НЕ ГО ГЛЕДА НЕГОВИОТ КРИМИНАЛ Обвинителите да постапат, јавноста има право да ја дознае вистината за модуларните, бара ВМРО-ДПМНЕ
Најголемата одговорност за криминалните модуларните болници, кои биле набавени како стоки со лош квалитет и со леснозапалив материјал, е единствено кај Венко Филипче. Како тогашен министер за здравство, тој е најодговорен за пожарот во модуларната болница во Тетово, која целосно изгоре за само 2 минути, а со себе одзеде 14 животи, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Само Јавното обвинителство го штити и не го гледа криминалот на Венко Филипче со модуларните болници, соопшто ВМРО-ДПМНЕ.
Ова секојдневно се потврдува со скандалозните детали од аферата „Провизии кои чинат животи“, која исто така покажа дека на Венко Филипче профитот од провизиите му бил на прво место, наместо здравјето и безбедноста на граѓаните, се додава во соопштението.
„Криминалното дејствување на Филипче, со цел да се спаси од одговорност, но и битката за уште провизии продолжи и по трагедијата во Тетово, така што тој противзаконски потпиша ништовен анекс на договорот, за на изведувачот на модуларните болници да му ја зголеми цената за 20% за да ги смени панелите на другите болници со огнотпорни материјали. Но, овој анекс кој го изготвил Филипче, не сакало да го потпише ниту едно стручно лице, затоа што сите вработени во Министерството за здравство и стручните лица во комисиите знаеле дека направил криминал во случајот со модуларната болница во Тетово“, се вели во соопштението.
Во ревизорскиот извештај направен по заминувањето на Филипче од Министерството за здравство, констатирани се пропусти и противзаконски дејствија, додека во правното мислење од извештајот за анексот потпишан од него, стои дека со цел да се спречат идни незаконски, правни и фискални импликации, договорот најитно треба да се раскине, потенцира ВМРО-ДПМНЕ.
„Лицето задолжено за проектот не постапило по извештајот на проектната единица и на своја рака продолжувало да комуницира со изведувачот и да врши притисок да се продолжи реализацијата според основниот договор и да се наплаќа по тие цени. Сè до септември 2022 година не се презема ништо и не се раскинува договорот, со што изведувачот го стави во поволна состојба за поднесување тужба за надомест на штета. И од тука па натаму, цела тогашна влада на СДСМ се става во функција да го спаси Венко Филипче од одговорност. Поради тужби за камати, Министерството доставува информација до Владата со која предлага на изведувачот да му се плати спогодбено, под услов да се откаже од каматите. Владата на 11.7.2023 година носи одлука со која се одобрува исплата преку спогодба. Но, и оваа спогодба не сака да ја потпише никој од проектната единица, затоа што знаеле колку е корумпирана и криминална оваа работа, со 20% провизија која завршила во нечиј џеб“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Криминалот на Венко Филипче секој го гледал, освен Јавното обвинителство кое наместо да отвори постапка, упорно молчи и го штити, се додава во соопштението.
„Криминал на Филипче има и во пуштањето во употреба на модуларните болници без одобрение од министерството за поставување и употреба, кои биле спротивни на Законот за градење и во кои не смеело да се обавува здравствена заштита. Исто така, лично Венко Филипче го правел тендерот за модуларната и дал листа со напишана спецификација. Вистината за модуларната болница јавноста заслужува да ја дознае, но и Обвинителството да постапи“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.