САМО НОВА ЖИЧАРНИЦА ЌЕ ГО ПОВРАТИ СТАРИОТ СЈАЈ НА ПОПОВА ШАПКА? Како мислат тетовци да направат ски-центар
Ќе бараме во Деталниот урбанистички план да се предвиди добивање маркици за изградба на хотели, со цел да се зголеми сместувачкиот капацитет“, изјави Хамди Сулејмани од движењето „Да ја спасиме Попова Шапка“.
„Сметаме дека најпримарна точка е изградбата на жичарата Тетово-Попова Шапка. Ако успееме неа да ја изградиме, тогаш сите проблеми на Попова Шапка како домино ефект ќе се решат, еден по друг. Исто така, ние бараме Деталниот урбанистички план паралелно да се изработи и за викенд-населбата, делот на хотелите заедно со скијачките патеки. Не можеме да имаме скијачки патеки за 30.000 посетители, а да немаме доволно легла и паркинг-места. Ќе бараме во Деталниот урбанистички план да се предвиди добивање маркици за изградба на хотели, со цел да се зголеми сместувачкиот капацитет“, изјави Хамди Сулејмани од движењето „Да ја спасиме Попова Шапка“, на јавната трибина на која дискутираа претставниците од локалната самоуправа, јавниот сектор, невладини организации и граѓани.
На трибината, како што извести СДК, се расправало за иднината на Попова Шапка, во кој правец треба да се развива и што треба да биде приоритет. Јавната расправа била иницирана од градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами, кој рекол дека иако мастерпланот за Попова Шапка е направен уште пред десетина години, сè уште не е донесен Детален урбанистички план (ДУП) за овој туристички центар, што е и една од главните причини за негова стагнација изминативе години.