Само нота за пасошите и ништо друго
Наместо Македонија да се обрати до Грција со дипломатска нота, и да ги извести дека не е во можност да ја исполни обврската за рокот за замена на личните документи на граѓаните, сврзано со промената на името на државата од договорот од Нивици, тоа е барано лично од грчката амбасадорка. Што можела да направи таа? Само да ја информира Атина и, еве, го добивме очекуваниот одговор.
Незнаењето е страшна работа. Особено ако не си свесен за тоа, и не се обидуваш нешто и да научиш, со прашување на тие што знаат. Решенија има за сѐ, само треба да ги бараш. Безизлезни ситуации нема, има само луѓе кои така се чувствуваат. Се разбира, доколку не постојат скриени намери.
Наместо Македонија да се обрати до Грција со дипломатска нота, и да ги извести дека не е во можност да ја исполни обврската за рокот за замена на личните документи на граѓаните, сврзано со промената на името на државата од договорот од Нивици, тоа е барано лично од грчката амбасадорка. Што можела да направи таа? Само да ја информира Атина и, еве, го добивме очекуваниот одговор.
Колку е тоа глупо и бесмислено, народот има поучна приказна. За време на пости, некој тешко болен, кому докторот му советувал дека мора да јаде месо, ако сака да преживее, отишол кај владиката. Му ја објаснил ситуацијата и го молел да му дозволи да јаде месо за време на постот. Владиката му рекол дека такво нешто не доаѓа предвид и дека мора да продолжи со постот. Разочаран, човек си тргнал дома.
На излезот, клисарот му се сожалил и му рекол да дојде утредента во 12.00 часот. Така и било. Го пуштил кај владиката, а овој бил седнат на маса богата со најразновидни јадења – со месо. Човекот, пак, понизно го повторил барањето, а владиката остро му рекол да си оди и додал – што мислиш ти, јас некого прашувам?
Ѝ се извинувам на црквата за оваа приказна. Веројатно, таа е симболична во однос на потребата секој сам да донесува одлуки според сопствени интереси, без непотребно да прашува други за тоа.
Оваа приказна е апсолутно соодветна на нашава ситуација со личните документи, заради катастрофалниот договор од Нивици.
Честитки за новиот министер за внатрешни работи, Тошковски. Веднаш штом ја презеде функцијата, тој се обиде да бара решение за проблемот, свесен дека причината лежи во Нивици, а од другата страна е – Грција. Потегот е логичен, а на новиот министер не мора да му се јасни сите детали бидејќи проблемот е надворешно – политички, а не внатрешно – политички, ама последиците се во неговиот ресор.
И, во ситуација кога МНР, Османи, не презема ништо, за што мора и да одговара бидејќи тоа личи и на некаква саботажа, новиот министер оправдано се ангажира.
Инаку, кога го спомнавме Тошковски, да му одадеме и признание за одличниот потег, кога на луѓето коишто со денови чекаат за нови документи, и се малтретирани на крајно неприфатлив и срамен начин – им се извини во име на државата! Извонреден потег, министер. Ви честитам.
И Тошковски, како и пред две, три недели, Османи, од грчката амбасадорка сигурни барал согласност да се продолжи рокот за замена на нашите лични документи. Дека е тоа бесмислица и наше самопонижување, на Тошковски не морало да му биде познато а неговиот обид – заслужува општа почит. Средбата, пак, на Османи со амбасадорката е срамна и покажува дека и тој, ама зад него и целото МНР, коешто најверојатно и не било консултирано, барем тие што ги знаат работите, презел аматерски чекор, којшто не и служи на чест на државата.
Во колумна, објавена на 19/1/2024 година, во Плусинфо, пошироко го објаснив проблемот. Сега само да повториме. Исто како и болниот за време на постот, што очекувал Османи од грчката амбасадорка? Што можела таа да му одговори? Или предложените разговори на Пендаровски со грчката претседателка, или меѓу двата премиери? Никој од нив нема никаков мандат било што да вети. Тоа не е нивни проблем.
А, самото барање на решение директно од грчката страна, значи дека се сугерира промена на Нивици, во делот од рокот за нашите лични документи. Освен одбивањето коешто ни го сервираа, тие немаат други објективни можности. Треба да си заскитан за да веруваш дека кој било во Грција ќе може да ти даде било каков позитивен одговор. Впрочем, промената на било кој дел од договорот претпоставува сосема поинаква процедура, пред се’ согласност за такво нешто од двете страни, потоа преговори… Зошто би прифатила Грција такво нешто, што го девалвира договорот, барем формално?
Во сегашната ситуација, единствено ДИПЛОМАТСКО РЕШЕНИЕ е испраќање на ДИПЛОМАТСКА НОТА со која официјално, и еднострано, ПРИВРЕМЕНО се суспендира дел од договорот, без да се бара негова промена. Во прашање е виша сила, со објаснување – не можеме да ги оставиме граѓаните без лични документи! Никој нормален, тоа не може да го оспори.
Со таков потег, Грција е ставена пред свршен чин, без никаков маневарски простор. Ако, сепак, Атина се осмели тоа да го оспори или одбие тогаш се отвора мал фронт. Ќе им се врати дека нашата позиција е дефинитивна, бидејќи немаме простор за поинакво решение, и ако сакаат поинаква разврска, без меѓусебната согласност, макар и премолчена, можат да се обратат на надлежните меѓународни институции.
И што мислите, ќе одат на суд? Во никој случај. Тоа би траело три, пет… години. И, што? Изгубено време и пари. Ништо друго. Истовремено, ќе се потсетат дека тие ништо не спровеле од Нивици. Трите протоколи, на пример, се’ уште не ги ратификувале, а морале одамна…
Тука завршува приказната, а ние си тераме по свое, го суспендираме законот со којшто се прогласени за неважечки, важечките лични документи на граѓаните и тие продолжуваат да бидат важечки, до нивниот вистински рок. Македонски ујдурми. Впрочем, за верување е дека светот, особено граничните контроли, не сме ги известиле дека нашите важечки пасоши, со вистинското име, престануваат да важат по 12 февруари? Тоа можеме само ние да го сториме.
Ако некој не верува во валидноста на оваа постапка, може официјално да се јави во некое од западните министерства за надворешни работи и да бара стручно мислење.
Еве, всушност, како треба да изгледа нашата нота, којашто обично се нарекува – вербална.
„Министерството за надворешни работи на Република Македонија има чест да го информира Министерството за надворешни работи на Република Грција дека е во невозможност да го исполни рокот за замена на личните документи на своите граѓани, според обврската преземена со договорот од Нивици (точно да се наведе името на договорот), член 1, ставови 8, 9 и 10. Во прашање е огромен број од лични документи, чија замена не е возможна во предвидениот рок. Република Македонија останува на обврската да ги смени сите лични документи на граѓаните, и да ја исполни обврската преземана со договорот, и на тоа интезивно работи. Меѓутоа, со оглед на огромниот број документи, не е во можност веднаш да се обврзе до кога тој процес ќе трае. Министерството за надворешни работи на Република Македонија ја презема обврската во соодветно време, кога ќе биде извесно, да ја извести другата страна до кога ќе трае тој процес. Министерството за надворешни работи на Република Македонија високо го цени разбирањето на грчката страна за оваа ситуација, којашто е резултат на Vis Maior услови. Го изразува своето жалење што, во процесот на целосно извршување на договорот од Нивици (соодветен израз) дојде до не планиран проблем и го нагласува своето уверува дека пречките ќе бидат надминати во најкус можен рок. Министерството за надворешни работи на Република Македонија ја користи и оваа прилика да ја реафирмира својата висока почит до Министерството за надворешни работи на Република Грција“.
Толку, и ништо повеќе. И, проблемот е решен.