САМО НИЕ ГО ИСПРАВАМЕ КОРМИЛОТО НА БРОДОТ И покрај грешките СДСМ е единствена партија која ја враќа државата на вистинските патеки, вели Филипче
Свесни сме дека кај народот има разочараност, граѓаните се уморни чекајќи го клучот за Европа, дадовме многу, а ни се бара уште. Но, СДСМ секогаш гледа подалеку од дневно политичките интереси - истакна Филипче во својот говор пред гласачите од Изборната единица 4.
„СДСМ е единствена партија која и покрај сите грешки, секогаш за водилка го има интересот и развојот на државата. СДСМ е единствена партија која го исправа кормилото на бродот кога тој ќе биде повлечен во погрешен правец. Затоа СДСМ е потребен силен и достоинствен да продолжи да ја промовира идејата за напредна и слободна држава“.
Ова го истакна носителот на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, д-р Венко Филипче на вечерашниот митинг во Неготино.
– Свесни сме дека кај народот има разочараност, граѓаните се уморни чекајќи го клучот за Европа, дадовме многу, а ни се бара уште. Но, СДСМ секогаш гледа подалеку од дневно политичките интереси – истакна Филипче во својот говор пред гласачите од Изборната единица 4.
Според Филипче, СДСМ има обврска да ја продолжи борбата и да ја задржи земјата на курсот на промените.
– Имаме обврска заради генерациите кои доаѓаат да ја чуваме жарта за општествени промени да тлее. После сите жртви што ги направивме како прогресивна и државотворна партија, недозволиво е сега да потклекнеме пред старите режимски политики. Ако сега се откажеме од борба, тоа е уништување на иднината за многу генерации – смета Филипче.
Тој ги повика граѓаните сите заедно да се изборат за подобар резултат и најави дека партијата ќе се зафати со враќање на довербата кај граѓаните веднаш по изборите.
– Нема никаква дилема дека СДСМ е исправен пред најголемиот предизвик од неговото основање. Резултатот на првиот круг на претседателските избори е под сите очекувања и го става на испит секој од нас, секој партиски член. Ќе имаме време за тоа да анализираме каде сме грешеле, и кој бил виновен за лошиот резултат. Ќе имаме време да ги менуваме работите и да ја градиме одново довербата кај граѓаните. Тоа мора да го започнеме првиот ден после изборите. Но, сега пред вториот круг, и на денот кога ќе се бираат пратеници, мора да се мобилизираме – повика Филипче од митингот од Неготино.