Административците од ГОБ „8 Септември“ си ја бараат наградата, се закануваат и со штрајк
Искрено размислуваме и за штрајк, но поради прогласената кризна состојба во земјата не можеме да преземеме ваков чекор, велат административците во ГОБ „8 Септември“ за Плусинфо.
Административците и техничкиот персонал од ГОБ „8 септември“ веќе три месеци протестираат пред болницата, бидејќи сè уште не добиле парична награда како што доби медицинскиот персонал, иако и тие работеле во ковид-центар.
Тие уште на почетокот на протестот побараа од Управата на болницата, како и од Министерството за здравство да бидат дел пакетот за еднократна парична помош од 30.000 денари, оти, како што велат, и тие една година работат во ковид-центарот, па и тие се изложни на ризик од заразување со ковид-19, исто како и медицинскиот персонал.
– Остануваме да протестираме секој работен ден од 8.30 до 9.00 или од 10.30 до 11.00 за време на нашата пауза. Досега имаме само лаги и ветувања, но никаква реализација. Ние сме подготвени да го прекинеме протестот доколку добиеме барем и половина од сумата, но засега нема ништо на нашите сметки. Искрено размислуваме и за штрајк, но поради прогласената кризна состојба во земјата не можеме да преземеме ваков чекор – велат административците во ГОБ „8 Септември“ за Плусинфо.
Тие исто така повторно порачаа дека се дел од здравство и дека работат во ковид болница, па поради тоа сметаат дека им следува еднократна помош.
Како што велат, станува збор за 195 вработени, дел од нив работат без продолжен договор, а 150 лица немаат решение за работа веќе 6 години.
Првиот човек на болницата, директорот Христијан Костов за Плусинфо одговори до каде е целата постапка поврзана со паричната награда на администрацијата и техничкиот персонал.
– Во целост ги разбираме барањата на вработените во администрацијата и техничкиот персонал. Вложуваме максимални напори да се реши целата ситуација, но за повеќе детали ни е потребно време за да ги финализираме, а се надеваме дека тоа ќе се случи наскоро – ни одговори Костов.
Инаку, Костов претходно изјави дека се согласува и оти вработениот на шалтер има контакт со ковид позитивни лица, но како што вели, контактот е само преку документи. Тој најави дека ќе обезбеди награда и за административците, но не 30.000 денари, туку околу 15.000 денари за кои рече дека дел ќе ги обезбеди од Министерството за здравство, а дел од донации.
Вработените од администрацијата и техничкиот персонал се задоволни и со понудениот предлог од директорот и се надеваат дека оваа награда ќе биде легната на нивните сметки.