САМО ДРСКО СО БУГАРИТЕ И ПОБЕДУВАМЕ НА ИЗБОРИ Што всушност се крие зад храбрите изјави на Ковачевски?

Власта е свесна дека не може да излезе на избори со 80% спротивставено гласачко тело, па затоа можам слободно да кажам дека премиерот со неговите навидум агресивни потези веќе длабоко е навлезен во предизборната кампања, коментира поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев.

4,961

Тешки зборови си разменија бугарските и македонските политичари во изминатите неколку денови, а особено изненадувачко агресивен беше настапот на македонскиот премиер Димитар Ковачевски, кој отворено им порача на соседите: вашиот дискурс кон Македонија е многу сличен со рускиот кон Украина.

Ваквата споредба го пламна и така разгорениот пожар помеѓу двете соседни земји, а дел од домашните познавачи на состојбите веруваат дека потегот на премиерот всушност значи најава за поагресивен и похрабар пристап на Скопје во идните преговори со Софија.






Други, пак, тврдат дека храброста на премиерот Ковачевски на ваков дрзок начин да ѝ се спротивстави на Бугарија не е дел од државничката стратегија, туку, напротив, доаѓа од партиските кругови. Како што велат тие, владејачката елита во Македонија е веќе длабоко навлезена во предизборната кампања за парламентарните избори коишто треба да се одржат идната година, па агресивната реторика кон Бугарија претставува добитна комбинација како да се зграбат гласовите дури и од најразочараното гласачко тело.

Камен околу вратот

Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, во разговор за Плусинфо оценува дека вчерашниот офанзивен настап на премиерот Ковачевски не претставува ништо друго освен исполнување класична партиска програма.

И повеќе од очигледно е дека со новиот поофанзивен начин на делување, власта се обидува да ја зајакне својата позиција, оти веќе сме навлезени во предизборна година.

Марјан Ѓорчев Поранешен амбасадор на Македонија во Бугарија

– Се работи за класична партиска програма. Офанзивниот пристап на премиерот Димитар Ковачевски не е дел од државничката програма, односно стратегија за односите со Бугарија. Актуелната владејачка елита гледа дека најголемиот дел од македонскиот народ не може да прифати уставни измени со цел внесување на Бугарите во Преамбулата. Власта ги анализира и анкетите кои покажуваат дека македонскиот народ не е задоволен од досегашниот начин на водење на преговорите со соседите и дека за жива глава нема да прифати да го жртвува сопствениот јазик и идентитет само за да се задоволат апетитите на Бугарите. И повеќе од очигледно е дека со новиот поофанзивен начин на делување, власта се обидува да ја зајакне својата позиција, оти веќе сме навлезени во предизборна година. Според мене, преговорите со Бугарија остануваат статични и во никој случај не се динамични. Бугарија има непроменлива позиција, без разлика на тоа која политичка партија е на власт во Македонија. Нивната политика е константна и континуирана. Колку и да делуваме офанзивно, Бугарија ќе си стои на своето – објаснува Ѓорчев.

Тој вели дека е направен превид уште при изготвувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, бидејќи таму не се изземени стратешките македонски интереси во однос на бугарските стратешки интереси, па сега, како што посочува Ѓорчев, таа наша грешка ни виси како камен околу вратот.

– На 1 август ќе поминат точно 6 години од потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, а ние не сме мрднале ниту еден милиметар. Напротив, работите се влошија со формирањето на културните центри во двете земји, односно со имињата на тие културни центри. Но, јас сметам дека актуелната владејачка елита ги има согледано сите тие наши грешки во изминатите 6 години и дека сега се обидува да се доближи до македонскиот граѓанин, оти ѝ се потребни гласовите. Власта е свесна дека не може да излезе на избори со 80% спротивставено гласачко тело, па затоа можам слободно да кажам дека премиерот со неговите потези веќе длабоко е навлезен во предизборната кампања. Ова, според мене, е добро спакуван лифтинг кој предвидува власта да биде поостра и да бара од Бугарите одредени промени во нивниот курс. Така што, вакви потези слични на оние вчерашните на премиерот Ковачевски можеме да очекуваме и во иднина – објаснува Ѓорчев.

Јамб во најава?

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски, пак, вели дека е прилично изненаден од офанзивните и остри изјави на премиерот Димитар Ковачевски.

– Прилично ме изненади изјавата на премиерот, бидејќи досега и Ковачевски, но и неговиот претходник Зоран Заев, беа премногу внимателни во својот дипломатски вординг и реторика кога стануваше збор за меѓусебните односи со источниот сосед Бугарија, веројатно внимавајќи да не се загрози повисоката цел, а тоа е отворање на преговорите со Европската Унија. Се молчеше и кога од бугарска страна доаѓаа невидени навредливи тонови и изјави од нивните највисоки државни функционери (претседателот Румен Радев), од нивни европратеници (Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски), лидери на парламентарни партии (Костадин Костадинов), со кои се поминуваа сите црвени линии на пристојното општење меѓу две држави и две нации. Сепак, доаѓа нов тон од нашите највисоки функционери, а ние засега не ја знаеме крајната цел на таквиот нов тон – вели Атанасоски.

Тој предупредува дека нашиот офанзивен пристап може директно да нѐ смести во бугарската стапица.

– Не сметам дека можеме да се поставиме на рамноправна основа и на тој начин да ги „вразумиме“ Бугарите, туку напротив, мислам одиме директно во нивната „стапица“. Едноставно, тие ќе добијат материјал за да можат да аргументираат пред европските бирократи зошто водат таква политика кон нас и да се правдаат зошто ја имале политиката на ветото. Од друга страна, пак, ова може да се протолкува и како зголемување на урнисаниот рејтинг на владејачката партија, особено по прашањето со источниот сосед, бидејќи, за волја на вистината, огромен дел од етничко македонскиот народ, не беше задоволен од попустливоста на нашите власти кон бугарските антицивилизациски и антиевропски политики и изјави. Прашање е дали сега може тоа да се поправи и да се зголеми рејтингот на таа основа, на една година пред редовните парламентарни избори, или сепак е јамб во најава за предвремени парламентарни избори оваа есен или кон крајот на годинава – објаснува Атанасоски.

Како се распали огнот?

До засилената реторика дојде откако премиерот Димитар Ковачевски го спореди дискурсот кој се користи во Бугарија кон Македонија со рускиот кон Украина, како одговор на бугарската потпреседателка Илијана Јотова и нејзиниот говор за „обесправените Бугари во Северна Македонијa“.

Според Ковачевски, обвинувањата од Јотова се целосно неосновани и доаѓаат од земја којашто не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права и стандардите на Советот во областа на човековите права.

Реакција веднаш пристигна од бугарското Министерство за надворешни работи кое ја оцени изјавата на Ковачевски како цинична и неприфатлива.

„Изјавата на Ковачевски, уште еднаш јасно го искажува вистинскиот однос на Скопје кон основните вредности на ЕУ“, се наведува во соопштението на бугарското МНР.

На изјавите на премиерот Ковачевски реагираа и бугарски пратеници кои порачаа дека е „неправда некој денес да се осмели да ги спореди со Руската федерација“.

Во расправијата се вклучи и бугарскиот претседател Румен Радев кој ѝ порача на македонската Влада дека ќе може да каже дека гради модерно мултиетничко општество тогаш кога ќе изнајде сили да ги впише „сонародниците на Гоце Делчев во својот Устав“.

На ваквата изјава возврати македонскиот премиер Димитар Ковачевски:

– Она на што ние работиме, бидејќи е формирана работната група, откако работната група ќе ги направи амандманите, значи дека наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на Радев во македонскиот Устав – изјави зајадливо Ковачевски.

Тензиите дополнително се зголемија откако на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев не му беше дозволен влез во земјава. Во Скопје не пристигнал ниту бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој е познат по своите националистички испади дури и во Европскиот парламент, а кој требаше да учествува на состанокот на мешовитиот парламентарен комитет меѓу Македонија и ЕУ.

Агелер: Од Софија слушнавме многу агресивен јазик

Американската амбасадорка Анџела П. Агелер вели дека има многу историја меѓу Македонија и Бугарија, многу заеднички интереси, но нагласува дека има и луѓе, кои би биле многу среќни да креираат дополнителен хаос.

– Апсолутно е точно дека од Софија и од други слушнавме многу агресивен јазик, што, искрено не е заснован на факти за ситуацијата овде во Северна Македонија. Имам голема среќа што сум амбасадор на САД во Северна Македонија и што сум овде во Скопје и не сум во Софија, но важно е и навистина верувам во ова, дека лидерите и граѓаните, не оние кои се најгласните во моментов, народот на оваа земја, а и народот на Бугарија, ги препознава придобивките од тоа да се има сосед, многу близок сосед кој е исто така во Европската Унија, со кој можете да ја подобрите вашата трговија, со кого можете да работите заедно на безбедносните прашања, за регионалната интеграција и сите овие активности, што е најголемата придобивка за оваа земја, а според мене, тоа е и во најдобар интерес и на Бугарија и на другите соседи од Западен Балкан – нагласува Агелер.

Поврзани содржини