САМО БОШЊАЦИТЕ ИМАА ХРАБРОСТ ДА ИЗЛЕЗАТ САМИ НА ИЗБОРИ Партиите на помалите етнички групи служат само како декор
Во Куманово, коалицијата предводена од СДСМ очекуваше гласови од етничкото спрско население коешто живее на територијата на општината. Тука адут беше партијата Српска листа, од каде порачаа дека и тие се малку разочарани од бројот на освоени гласови, како и дека дел од нивното членство останало неажурно во текот на кампањата.
На последните локални избори, главно во коалиција со поголемите партии, се појавија и кандидатите на партиите кои тежнеат да ги застапуваат интересите на помалите етнички заедници во Република Македонија.
Партиите на Ромите, Турците, Власите, Србите и на Бошњаците се обидоа на своите коалициски партнери да им донесат глас повеќе, со привлекувањето на припадниците на етничките заедници на своја страна. Овој начин на политичко егзистирање започна уште со воведувањето на плурализмот, па сега секоја поголема партија си има свои коалициски партии кои во предзнакот се етнички.
Но, колку тоа навистина им носи гласови на големите партии? Или можеби е поважно да се одговори, колку ваквиот начин на политичко делување правилно ги застапува правата на граѓаните кои припаѓаат на етничките заедници во земјава?
Наши извори блиски на СДСМ, партијата која оствари лош резултат на изборите, откриваат дека анализите укажуваат на тоа дека во бројни општини не е добиена посакуваната количина гласови од партиите со етнички предзнак, а со кои претходно се влегло во коалиција. Као пример се зема Општина Ресен, каде и двете турски партии го поддржаа кандидатот на СДСМ, Живко Гошаревски, сепак, тоа не му донесе предност на кандидатот од владејачката коалиција во средините населени со турско малцинство. Во слична позиција се најде и Христо Кондовски во Битола, кој на два дена пред одржувањето на вториот круг од изборите исто така направи коалиција со една турска партија, но и тоа не му донесе подобрување на резултатот во однос на првиот круг од изборите.
Во Куманово, коалицијата предводена од СДСМ очекуваше гласови од етничкото спрско население коешто живее на територијата на општината. Тука адут беше партијата Српска странка, од каде порачаа дека и тие се малку разочарани од бројот на освоени гласови, како и дека дел од нивното членство останало неажурно во текот на кампањата.
Сепак, многу поважно прашање на кое треба да се даде одговор е дали ваквиот начин на фунционирање адекватно ги застапува интересите на помалите политички партии.
Решението е во една изборна единица
Директорот на Управата за унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, Милутин Станчиќ, предупредува на штетните последици од востановената пракса во партиското организирање во Македонија, кога се во прашање претставниците на помалите етнички заедници. Според него, лидерите на партиите со етнички предзнак никој не знае колку вредат на политичкиот пазар, ниту, пак, колку гласови носат нивните партии во големите коалиции.
– Досегашната практика на предизборни коалиции на помалите партии, кои своите кандидати ги пласираа на листите на големите партии, создаде еден политички синдром, создавајќи состојба да не може да се измери рејтингот на лидерите на помалите партии формирани на етничка основа – вели Станчиќ.
Тој додава и дека пропорционалниот модел со шест изборни единици направи таквите лидери на помалите етнички партии по некаков автоматизам да влегуваат на изборните листи на поголемите партии, и да бидат високо на кандидатската листа, без притоа да им се провери рејтингот. Со овој изборен систем не се знае, на пример, колку припадници на една етничка заедница навистина гласале за својот претставник. Но и покрај таквата слика и состојба, имаме рекордери пратеници што седат со години, повеќе од деценија во Собранието, а да немаат поставено едно суштинско, чувствително прашање за проблемот на својата заедница.
– На тој начин се создава еден синдром на „лажни претставници“, за кои не е позната поддршката од базата – тврди Станчиќ.
Со ова тврдење до крај, сепак, не се согласува Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите во Македонија, кој смета дека со тоа само дел од проблемите со кои се соочуваат тие ќе биде надминат.
– Една изборна единица е флоскула со многу решенија, од кои само мал дел одговараат на партиите на помалите заедници, но за жал, тие немаат поддршка од поголемите партии – вели Стоиљковиќ.
Само Бошњаците излегоа сами
Единствената партија која на овие избори, од редот на тие што ги претставуваат помалите заедници, беше Бошњачката демократска партија(БДС), која освои респектабилни 6.400 гласа на советничките листи истакнати во четири изборни единици. Претседателот на БДС, Мунир Колашинац, со право сега се нарекува легитимен претставник на Бошњаците во Македонија.
– Апсолутно се сметаме за легитимен претставник на Бошњаците во нашата земја од причина што ние сами Бошњаците се здружиме во политичка партија да ги застапуваме нашите права и интереси, по свои лични патриотски побуди, а не по побуди на големите политички партии да им бидеме привизок и одработуваме за нив – вели Колашинац.
И тој е на линија со Станчиќ, застапувајќи ја тезата за една изборна единица.
– Со сигурност тврдиме дека кога би била една изборна единица никогаш не би имале потреба да коалицираме со друга партија. Во 2018 година поднесовме барање до Собранието за измени во ИЗ токму на таа тема. Со една ИЕ, правичната застапеност на сите народи во законодавниот дом ќе произлегува од волјата на гласачите, а сега тоа е зависно од волјата на големите политички партии – вели Колашинац.
Сепак, Колашинац ја истакна определбата на БСП и на наредните избори партијата да настапи самостојно, бидејќи само така ќе може да се испочитува волјата на гласачите, во случајот на припадниците на бошњачкото малцинство во Македонија.
– Без оглед на тоа што актуелниот изборен модел е немилосрден спрема помалите партии, ние сме спремни повторно да настапиме самостојно на парламентарните избори кои следат и тоа во 1,2,3 и 5 изборна единица – вели претседателот на БСП.