САМО 43 ЛИЦА ВО 2023 ГОДИНА БИЛЕ СОВЕТУВАНИ ПРОТИВ ПУШЕЊЕ Се најавуваат рестрикции за никотинските производи, а превенцијата во Македонија значително потфрлила

Во 2023 година, вкупниот број на советувани граѓани во сите 10 Центри за јавно здравје изнесува 43 лица. Анализи во Велика Британија покажале дека алтернативните никотински производи им помогнале на значителен број лица да се откажат од пушењето цигари. Според податоци од организацијата ASH речиси 3 милиони луѓе во Велика Британија се откажале од пушењето со помош на уреди вејпови во период од пет години.

79

Домашните здравствени власти со новиот предлог Закон за заштита од пушење ги поистоветија цигарите и алтернативните никотински производи, иако дел од државите кои ја намалија стапката на пушење овозможија широка употреба на уредите за загревање, вејповите и никотинските ќесички. Рестриктивниот пристап кон алтернативните никотински производи е предвиден иако во Македонија има далеку поголем број корисници на цигари. Повеќе истражувања во држави кои ја забраниле продажбата на ароматизирани никотински производи покажуваат дека кај нив расте црниот пазар на кој нема никаква контрола врз составот на производите, а исто така се забележува и дека дел од корисниците на вејпови се враќаат на употребата на цигари.

Во Македонија, Институтот за јавно здравје спровел истражување во кое се опфатени само уредите што загреваат тутун и податоците покажуваат дека само 4,5% од учесниците во истражувањето биле активни корисници на тие уреди, додека стапката на пушење е околу 45%.






Во меѓувреме, анализи во Велика Британија покажале дека алтернативните никотински производи им помогнале на значителен број лица да се откажат од пушењето цигари. Според податоци од организацијата ASH речиси 3 милиони луѓе во Велика Британија се откажале од пушењето со помош на уреди вејпови во период од пет години.

– Во последните неколку години, речиси сите пациенти што ги гледам, а кои успеваат да се откажат од пушењето, го прават тоа преку вејповите, а без нив стравувам дека многумина не би го сториле тоа. Вејповите веќе ги користат Центрите за откажување од пушење и поддршка на Националната здравствена услуга (NHS), но тие би можеле да се користат пошироко во нашите напори да им помогнеме на милионите што сè уште пушат да се откажат – смета проф. Санџај Агравал, специјален советник за тутун на Кралскиот колеџ на лекари.

Дел од анализите покажуваат дека сојузни држави во САД кои забраниле ароматизирани никотински производи регистрираат пораст на употреба на цигари.

„Ограничувањата за ароматизирани е-цигари резултираат со намалување од 3,6 процентни поени на користење на вејпови на дневно ниво, но зголемување од 2,2 процентни поени на пушење на дневно ниво, од 2018 до 2023 година во однос на државите што не ги забранија производите“, покажува истражување на специјализираното списание ЈАМА.

Паралелно, во САД и во Велика Британија постојат голем број активно развиени кампањи и иницијативи против пушење и за поддршка на откажување од тутунските производи, кои се дел од долгогодишните јавноздравствени политики за намалување на пушењето и поврзаните здравствени ризици. Македонија пак на полето на превенцијата значително потфрла. Во 2023 година, вкупниот број на советувани граѓани во сите 10 Центри за јавно здравје изнесува 43 лица.

„Во ЦЈЗ Велес, ЦЈЗ Кочани, ЦЈЗ Штип, ЦЈЗ Прилеп, ЦЈЗ Струмица, ЦЈЗ Куманово и ЦЈЗ Скопје немало никакви активности поврзани со Советувалиштата за откажување од пушење… Од добиените анкетни прашалници може да се види дека не се обезбедени посебни простории за откажување од пушење“, покажуваат податоци од интерната анкета на Институтот за јавно здравје.

Во нивниот Извештај дополнително се наведува дека се потребни засилени кампањи и промотивни активности со кои ќе се промовира дејноста на советувалиштата, како и дека не се спроведува соодветно ниту актуелниот Закон за заштита од пушење во голем дел од државата, па предлагаат редовни контроли.

Поврзани содржини