САМО 42% ОД ИНСТИТУЦИИТЕ ГИ ПРИЈАВИЛЕ СЛУЖБЕНИТЕ ВОЗИЛА Во Регистарот се внесени 6.637 возила, 879 институции ја игнорираат Антикорупциска

ДКСК на својата веб-страница објави податоци за институциите кои немаат доставено податоци за службените возила, како и преглед на податоци за марката и регистарскиот број на возилата од институциите кои не доставиле податоци, а располагаат со службени возила.

81

Само 42% од институциите доставиле податоци за службени возила пред локалните избори 2025, соопшти Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Согласно Изборниот законик, јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал, имаа обврска во рок од 10 дена од денот на донесувањето на одлуката за распишување на Локалните избори 2025, односно до 18.08.2025 година, до 24 часот, да достават податоци до ДКСК за бројот, видот, регистарските таблици и возната состојба на сите службени возила со кои располагаат институциите.






ДКСК на својата веб-страница го објави Регистарот на службени моторни возила, како законска обврска од Изборниот законик.

Со цел да се обезбеди транспарентно информирање на јавноста и да се спречи евентуална злоупотреба на службените возила во изборната кампања, ДКСК на својата веб-страница објави податоци за институциите кои немаат доставено податоци за службените возила (линк), како и преглед на податоци за марката и регистарскиот број на возилата од институциите кои не доставиле податоци, а располагаат со службени возила (линк).

Обврска да достават податоци имаа вкупно 1.514 институции според податоците на Централниот регистар на Република Северна Македонија.

До 29 септември 2025 година, 635 институции доставиле податоци, односно 42%, додека 879 институции односно 58 %, воопшто не доставиле податоци.

Од 635 институции што доставиле информации, 63% односно 403 институции тоа го сториле во законскиот рок и пријавиле 4.079 возила, додека 232 институции податоците за 2.558 возила ги доставиле по истекот на рокот.

Од доставените податоци од 635 институции, во регистарот досега се објавени информации за 578 институции кои располагаат со 6.637 возила, додека 57 институции известиле дека не располагаат со возила.

Од вкупно 6.637 возила внесени во Регистарот на возила, 5.456 се во возна состојба, 1.003 не се во возна состојба, а за 178 возила воопшто нема податоци за возната состојба.

Во однос на споредбата меѓу податоците што ги доставиле институциите и оние што Комсијата ги добила од Министерството за внатрешни работи (МВР), утврдено е дека кај дел од институциите бројот на пријавени возила целосно се совпаѓа (34% од институциите), но има и значителен број случаи каде што институциите (66% од институциите) пријавиле повеќе или помалку возила отколку што се наведени во евиденцијата на МВР. Исто така, постојат и институции кои пријавиле дека располагаат со возила (27 институции), а во податоците на МВР тие возила воопшто не постојат, што укажува на можност возилата да се водат на друго правно лице, но да им бидат дадени или отстапени на користење.

Постојат и податоци за возила со статус на класифицирани информации, поради што тие не се јавно објавени.

Од 879 институции што не доставиле информации, според податоците на МВР, Комисијата констатирала дека 192 институции располагаат со 2.028 возила, но не доставиле никакви информации до ДКСК.

Со оваа пракса се овозможува јавен увид и се поттикнува транспарентност и одговорност кај институциите кои имаат обврска да пријават службени возила.

 

Поврзани содржини