САМО 25% ГО ПОДДРЖУВАТ ВО НАМЕРИТЕ ДА ГО ПРЕЗЕМЕ ГРЕНЛАНД Американците се против експанзионистичката политика на Трамп

Речиси шест од десет Американци изразуваат загриженост дека Трамп отишол предалеку во обидите да ја прошири американската моќ над други држави. Само една третина смета дека неговите постапки во тој контекст биле оправдани.

22

Речиси три четвртини од Американците се против обидот на САД да преземат контрола над Гренланд, покажува најновата анкета на Си-Ен-Ен, спроведена од агенцијата ССРС. Резултатите укажуваат дека напорите на претседателот Доналд Трамп за проширување на американската територија наидуваат на силен отпор во јавноста.

Истражувањето покажува дека само 25 проценти од граѓаните ја поддржуваат идејата САД да ја преземат контролата над оваа данска територија. Дури и меѓу поддржувачите на претседателот мислењата се речиси подеднакво поделени – 50 проценти од републиканците и независните гласачи кои наклонуваат кон Републиканската партија велат дека го поддржуваат овој потег, додека исто толку се против. Демократите и независните гласачи наклонети кон Демократската партија се речиси едногласно против, со вкупно 94 проценти спротивставување, од кои 80 проценти велат дека силно се противат. Околу осум од десет независни гласачи кои не се наклонети кон ниту една партија, исто така, се против.






Трамп во средата на својата социјална мрежа „Трут сошал“ порача дека сè што е „помалку“ од американска контрола врз Гренланд е „неприфатливо“. Пораката беше објавена во пресрет на средбата во Белата куќа меѓу дански официјални претставници, потпретседателот Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио, која, според оценките, не придонела значајно за приближување на ставовите на двете страни.

Анкетата покажува и слаб интерес кај јавноста за пошироката политика на американски експанзионизам, и покрај тоа што Трамп јавно го величи военото апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро – по што изјави дека САД сега ќе ја „водат“ земјата – како и неговите закани упатени до иранското раководство поради насилното задушување на уличните протести.

Речиси шест од десет Американци изразуваат загриженост дека Трамп отишол предалеку во обидите да ја прошири американската моќ над други држави. Само една третина смета дека неговите постапки во тој контекст биле оправдани. Повеќето испитаници, односно 55 проценти, велат дека веќе ја преминал границата во користењето на американската војска за остварување на своите цели. Сè поголем број граѓани сметаат дека надворешнополитичките одлуки на Трамп во овој мандат му наштетиле на угледот на САД во светот – 57 проценти го делат тоа мислење, наспроти 53 проценти минатото лето.

Во целина, 52 проценти од Американците се против одлуката на САД да преземат воена акција во Венецуела, додека 48 проценти ја поддржуваат. Меѓу испитаниците постои широко распространета загриженост за стабилноста на венецуелската влада, како и чувство дека американската војска би можела да биде вклучена во земјата на подолг рок.

Поврзани содржини