САМО 20% ОД РАКОВОДИТЕЛИТЕ ВО КОМПАНИИТЕ СЕ ЖЕНИ Се губи голем потенцијал за економски раст
Глобалниот извештај за родов јаз од 2023 година кој покажува дека од 146 земји, ние сме рангирани на 108 место кога станува збор за економското учество и можностите на жените.
Добро што се зборува за застапеноста на жените на раководни позиции, со оглед на тоа што поголемата вклученост на жените во општеството носи бројни придобивки, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за агенцијата „Марили“ коментирајќи го местото на жените на раководни позиции во земјава и првото место меѓу централните банки и финансиските институции по застапеноста на жени на раководни позиции доделено од угледниот британски форум ОМФИФ во 2022 година.
– На овој план има предизвици, не само во однос на вклученоста на раководни позиции, туку воопшто, во однос на вкупното економско учество на жените – на пример, учеството на жените во работната сила е само околу 43% (на мажите околу 62%), што покажува голем неискористен потенцијал, којшто може да го зголеми економскиот раст – вели Ангеловска-Бежоска.
Таа како пример го посочува и глобалниот извештај за родов јаз од 2023 година кој покажува дека од 146 земји, ние сме рангирани на 108 место кога станува збор за економското учество и можностите на жените.
– Според овој извештај, учеството на компаниите со жени на лидерската позиција е околу 20%, а сличен е и процентот на компаниите во чијашто сопственичка структура преовладуваат жените. И во финансискиот сектор податоците не се задоволителни. На пример, кај банките само 31% од вкупниот број членови на УО и НО се жени, а кај дел од банките воопшто нема жени во раководните органи на банкатa – вели гувернетката.
Според неа, за промена на оваа состојба потребeн e поголем напор за поголемо поврзување на жените и лидерството.
– Мислам дека како општество главно ги имаме надминато стереотипите во однос на ова прашање, што значи дека ја имаме основата. Потребна е, можеби, поголема свесност и поддршка во општеството за зголемување на улогата на жената во раководните структури. А придобивките од тоа се големи. Резултатите од поголем број истражувања покажуваат позитивна врска помеѓу процентот на жени во раководните структури и резултатите на компаниите/институциите, вклучително и подобро управување со ризиците, подобар финансиски резултат и поголем квалитет на кредитите одобрени на компании со кои раководат жени – вели Ангеловска-Бежоска. .
Ангеловска-Бежоска смета дека женското претприемаштво игра значајна улога во отворањето работни места и придвижувањето на економскиот раст.
– Според некои процени, поголемото учество на жените во претприемаштвото може да го зголеми глобалниот економскиот раст од 5 до 6 трилиони долари. Оттаму, обезбедувањето пристап до финансии за овие мали и средни фирми е од исклучително значење за економијата во целина. Унапредувањето на финансиската инклузија, како и финансиската едукација како основа за поголема вклученост, се стратегиски цели на Народната банка. Родовата еднаквост, како аспект на финансиската инклузија, исто така е дел од приоритетите. Преку едуцирање за можностите и обврските на давателите и корисниците на кредитите, може да се придонесе кон подобрување на пристапот на жените претприемачи до финансии во земјава – вели Ангеловска-Бежоска.
Таа наведува дека Народна банка игра голема улога во развојот на женското претприемништво.
– Народната банка го предводи и го координира спроведувањето на пилот-проектот на ЕБРД во земјава, насочен кон поддршка на женското претприемаштво и финансиската вклученост на жените претприемачи. Овој проект ќе опфати повеќе аспекти, вклучително збогатување на базите на податоци за кредитите на фирми со податоци за родовата припадност, анкети и обуки за поттикнување поголема свесност за потребите на жените претприемачи при кредитирањето, како и развој на вештини, знаење и пристап до ресурси за развој на претприемаштвото – вели гувернерката Ангеловска-Бежоска.