САМО 0,01 ОТСТО ОД УЧЕНИЦИТЕ ИМААТ КОРОНА Министерството за образование апелира да се почитуваат мерките во училиштата
Министерството за образование и наука апелира на доследно почитување на протоколите за заштита, бидејќи, како што потенцираат оттаму, минатогодишното искуство покажало дека со практикување на мерките училиштата не се трансмитери на заразата.
Само 0,01, отсто од учениците се позитивни на ковид-19, а истиот процент важи и за наставниците, соопшти Министерството за образование, повикувајќи се на податоците добиени од раководствата на училиштата на вториот ден од новата учебна година.
„Учебната година започна со физичко присуство на сите ученици од основните и средните училишта и доследно почитување на сите мерки за заштита од ковид-19. Според податоците на Министерството за образование и наука, добиени од раководствата на училиштата на втори септември, меѓу учениците, само 0,01 отсто се активни случаи на ковид-19. Ист е процентот и кај наставниот кадар. Во училиштата строго се почитуваат планот и протоколите за заштита. Учениците, наставниците и другиот помошно-технички пероснал во училиштата задолжително носат заштитни маски во затворен простор, задолжително се мери телесна температура на влез во објектите и се прави дезинфекција на рацете. Исто така, постојано се проветруваат училниците и се прави честа дезинфекција на клупите и подовите. Брзата реакција и почитувањето на мерките е најдобрата заштита. Ги повикуваме наставниците, родителите и раководствата на училиштата доколку се сомневаат за позитивен случај веднаш да алармираат до здравствените установи и епидемиолошките служби кои ќе постапат согласно алгоритмите“, соопшти МОН.
Министерството за образование и наука апелира на доследно почитување на протоколите за заштита, бидејќи, како што потенцираат оттаму, минатогодишното искуство покажало дека со практикување на мерките училиштата не се трансмитери на заразата.
„Секако, неопходно е одговорно однесување и надвор од училишните објекти. Само така ќе спречиме ширење на вирусот и ќе овозможиме квалитетна едукација за младите, преку настава со физичко присуство која нема подобра алтернатива“, соопшти МОН.
Во учебната 2021-2022 година, настава во основните и средните училишта посетуваат околу 257.000 ученици.