Русија е средишен проблем во американската внатрешна политика и претстојниот самит е со цел тој проблем да се менаџира и да се врати стабилноста во меѓусебните односи, беше кажано денеска за време на зум видео конференција одржана по повод претстојната средба на 16 јуни во Женева на претседателите на САД и Русија, Џо Бајден и Владимир Путин.
Според Ангела Стент, директор на Центарот за евроазиски, руски и источноевропски студии при универзитет Џорџтаун, Русија е централен проблем во домашната политика на САД уште од 2016 година.
– Се прават стратегии и големи напори тој проблем да се реши. Посебно бидејќи се работи за американската демократија, за мешање во изборите, а сега проблем стануваат и изразените хакерските напади на американски државни агенции и компании – рече Стент.
Претстојната средба Бајден-Путин следи по тензичната пролет со ескалација на руска вoена сила на границата со Украина, нови санкции и протерувања на дипломати, на руски од страна на НАТО сојузниците и на западни од страна на Русија.
– Белата куќа повеќепати досега ја истакна потребата од дијалог со Москва, и овие сигнали Кремљ веднаш ги прими и одговори реципроцитетно – истака Фјодор Лукијанов, главен уредник на списанието Русија во глобалната политика.
Според соговорниците, средбата со Бајден несомнено ќе биде многу поразлична отколку онаа што Путин ја имаше со поренашниот претседател Доналд Трамп во Хелсинки во 2018 година. Трамп тогаш одби да го критикува Путин и отворено ги отфрли наодите на американското разузнавање за руска вмешаност во изборите во 2016 година.
Бајден од своја страна вети потврд став кон Русија отколку Трамп и ќе бара обнова на „предвидливоста и стабилноста“, соопштија од Белата куќа.
Аналитичарите оценуваат дека меѓу лидерите на двете светски сили не постои флуид, хемија. Според изданието Њујоркер, за време на лидерска средба во 2011 година кога Бајден беше потпретседател на САД а Путин премиер на Русија, првиот погледнал во очите на другиот и рекол „мислам дека ти немаш душа“.
САД во март воведоа потврди санкции против Русија поради труењето и затворањето на Навални, а месец подоцна протераа руски дипломати и санкционираа повеќе компании поради хакерските напади врз „СоларВиндс“ и мешањето во изборите.
Соговорниците на конференцијата сепак се сложија дека иако односите се комплицирани и на моменти тензични, двајцата лидери ќе се обидат да изнајдат заеднички јазик и да го подобрат дијалогот. Некои од прашањета за кои тие би можеле да се сложат се пандемијата, нестабилноста на Блискиот Исток и климатските промени.