САМИ СЕБЕ СЕ ТЕСТИРАМЕ, САМИ СЕБЕ СЕ ЗАСЕКУВАМЕ Тестовите за антитела се нова сензација за граѓаните

Имунологот Карстен Вацл од Институтот Лајбниц на Универзитетот во Дортмунд вели дека вакцинацијата не е гаранција дека телото ќе создаде имунитет, туку важно е тоа да има имунолошка заштита, но за жал тоа во моментов не може да се измери.

12,796

Од кога се појави пандемијата со ковид-19, сè повеќе луѓе купувајќи рапид (брзи) тестови од аптеките се обидуваат да дознаат дали се инфицирани со коронавирусот, а во последно време се продаваат и домашни тестови со кои се утврдува дали лицето развило антитела.

Ако досегашните рапид тестови за проверка дали едно лице има ковид-19 се правеа со земање брис од нос или со плунка, за тестовите за присуство на антитела мора да капнете крв, што значи да се засечете или да се боцнете со остар предмет. Крвта потоа се става во раствор по што тестот ќе покаже дали лицето има антитела и не, но тестот не покажува колкав број антитела има некој.






– Овие тестови се нови и во моментов се продаваат по цена од 199 денари. Не можам да потврдам колкав процент е нивната точност, но еве граѓаните покажуваат интерес и ги купуваат – ни изјави вработена во една од скопските аптеки.

Претседателот на Асоцијацијата на млади лекари и специјалисти д-р Ненад Лазаров за Плусинфо вели дека  пациентите непотребно се изложуваат на дополнителни тестови за проверка на антитела.

– Генерално, сметам дека пациентите џабе фрлаат пари за проверка на антитела, без разлика дали тоа ќе го направат во некоја од лабораториите или пак, како што вие велите, со новите рапид тестови. Според мене, титарот на антитела не значи скоро ништо ниту за оние кои се проверуваат во лабораторија, а уште помалку пак ако се проверува со некакви брзи тестови кои ќе покажат + или-, или пак една или две линии – ни одговори д-р Лазаров.

Тој откри дека е вакциниран, но дека досега ниту еднаш не направил тест за проверка на антитела. Лекарот смета дека нема потреба пациентите да се изложуваат на дополнителни трошоци.

Антителата не се репер за тоа дали некој треба да добие вакцина против ковид-19, изјави министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција кога во „А1 арената Борис Трајковски“ во Скопје започна масовната вакцинација.

– Нема долна граница, дополнително зависи од апаратот на кој се работи и од институцијата. Тие варираат. Во принцип, ставот е дека треба да поминат два или три месеци од прележувањето и после може да се прими вакцина. Ставот е дека и само антителата не се доказ дека телото има имунитет против вирусот. Некогаш останува таканаречениот клеточен имунитет, а тоа значи дека веднаш кога ќе дојде повторно во контакт организмот ќе почне да лачи антитела кои во даден момент можеби се немерливи – одговори тогаш министерот на новинарско прашање за тоа кога може оздравените од ковид-19 да се вакцинираат.

Имунологот Карстен Вацл од Институтот Лајбниц на Универзитетот во Дортмунд вели дека вакцинацијата не е гаранција дека телото ќе создаде имунитет, туку важно е тоа да има имунолошка заштита, но за жал тоа во моментов не може да се измери.

– Во однос на короната сè уште немаме гранична вредност со која би одредиле дали некој има доволно имунитет или не. Веројатно, клучна улога во тоа имаат неутрализирачките антитела. Тие го врзуваат вирусот за да не заразува други клетки. Но колкав треба да биде бројот на антитела за да се каже дека имате имунитет, сè уште не се знае – појаснува Вацл.

Повеќе светски експерти предупредуваат дека тестовите за антитела не даваат апсолутна сигурност околу статусот кво, туку само покажуваат дали се формирани антитела. Нивниот број многу се разликува од човек до човек, бидејќи секој организам има различни предиспозиции.

Но, не играат само антителата некаква улога во справување со инфекцијата, бидејќи кога вирусот еднаш ќе навлезе во клетката, антителата не можат да допрат до него, а тој може да се размножува.

– Затоа нашето тело има т.н. Т-клетки кои се во состојба таквите инфицирани клетки да ги уништат. Тоа значи дека жртвуваме неколку клетки од нашиот организам, оние инфицираните, наместо да дозволиме да се размножува вирусот – вели Вацл опишувајќи го процесот.

Тоа е мерливо, но во пракса е многу тешко да се одреди бројот на Т-клетките и тестот не е едноставен.

– Антителата сами по себе не кажуваат колку еден човек е добро заштитен. Може да се случи речиси и да немам антитела, односно да постои можност за зараза, но одговорот на моите Т-клетки да е толку силен што не развивам тешка форма – вели Вацл.

Оние што имаат високо ниво на антитела веројатно имаат добра заштита од корона, вели имунологот. Сепак, веројатно не важи обратниот заклучок дека со помал број антитела не сте заштитени.

Поврзани содржини