САМИ ДА ОДЛУЧУВААТ ЗА НАСТАВАТА Синдикат бара наставниците да одредат – онлајн или во клупи

Прогресивниот синдикат за образование бара итно решавање на статусот на околу 4000 вработени во образованието кои работат со договори на определно време.

211

Прогресивниот синдикат за образование (ПСО), член на Сојузот на синдикатите на Македонија, бара од Министерството за образование и наука да дозволи наставниците на наставничките совети да може да одлучат дали наставата да ја организираат со физичко присуство или онлајн во периодот од 1 декември 2021 до 31 март 2022 година.

Барањето го образложуваат со актуелните услови – сезона на грипови и влошување на состојбата со пандемијата од ковид-19, како и поради енергетската криза во земјава.






„Доколку состојбата со пандемијата се подобри, учениците би можеле во последното тримесечие да се вратат во училишните клупи и со успех да ја завршат учебната 2021/2022 година. Покрај здравствена заштита, овие измени ќе овозможат и заштеда на енергија, како и помало загадување од училиштата што се затоплуваат со други горива“, наведува ПСО во барањето до МОН.

Во соопштението, потпишано од претседателот на овој синдикат, Влатко Секулоски, се бара и итно решавање на статусот на околу 4000 вработени во образованието кои  работат со договори на определно време.

„Покрај ветувањата, освен вработените во стручните служби и техничкиот персонал во училиштата, кои може веднаш да бидат вработени на неопределно време, но не и наставниците. Се залагаме и препорачуваме оваа неправда итно да се исправи. Изненадени сме што засега единствениот репрезентативен синдикат во образованието е индиферентен кон претстојните предизвици на образовниот систем и наставниот кадар“, наведува Прогресивниот синдикат за образование.

Поврзани содржини