САЛМОНЕЛА ВО ФАБРИКА ВО ПРИЛЕП, 38 РАБОТНИЦИ СЕ ЗАТРУЛЕ Центарот за јавно здравје дознал со шест дена задоцнување
38 работници заразени со салмонела, дојава стигнала до надлежните дури откако случајот веќе се ширел, а изворот не можел да се открие.
Во ноќната смена на 28 мај, дури 38 од вкупно 75 вработени во една прилепска фабрика завршиле со симптоми на труење по консумирање оброк доставен во третата смена. Додека дел се пожалиле на силна мачнина, повраќање и температура, кај други се јавиле болки во стомакот и нагони за повраќање. Сите се успешно излекувани, но причинителот на епидемијата, салмонела, бил откриен дури откако Центарот за јавно здравје бил известен шест дена подоцна, преку анонимна дојава.
– За епидемијата дознавме дури на 4 јуни, и тоа преку анонимна дојава која прво била испратена до Институтот за јавно здравје. Веднаш потоа нè известија нас. За жал, во нашата служба до тој момент немаше пристигнато ниту една официјална пријава за труење со храна или зголемен број случаи на ентероколити (проливи) – изјави епидемиологот Татијана Мургоска Станимировиќ од Центарот за јавно здравје во Прилеп.
Според неа, дел од заболeните веднаш побарале лекарска помош, некои кај матичните лекари, а други во Инфективното одделение или во Итната медицинска помош, но никој не ја пријавил ситуацијата до Центарот за јавно здравје, што значително го попречило навременото реагирање.
– По дојавата, веднаш ги известивме Санитарниот здравствен инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство. Побаравме список од сите вработени кои јаделе храна од тој оброк, извршивме увид и во објектот на фабриката, и кај доставувачот, местото каде што се приготвувала храната – вели Мургоска Станимировиќ.
Бидејќи поминале шест дена од настанот, не можело со сигурност да се утврди што точно го предизвикало труењето. Сепак, од земените примероци од измет кај заболените, лабораториски било потврдено присуство на бактеријата салмонела ентеритидис, честа причина за труење со храна, особено во летните месеци.
– Иако беше невозможно да се пронајде изворот во кујната каде се приготвувала храната, утврдивме дека таму се користат свежи продукти. Но, со сигурност можеме да кажеме дека причинител на труењето е салмонела, пронајдена во примероците од столицата на заболените – додава епидемиологот.
Во текот на јуни, прилепскиот Центар за јавно здравје регистрирал и пет индивидуални случаи на труење со храна, исто така предизвикани од салмонела. Кај овие случаи, откривањето на изворот на заразата е речиси невозможно.
– Кај поединечните случаи, многу е тешко да се идентификува изворот. До моментот кога ќе се земат примероци, пациентите веќе не се сеќаваат што точно консумирале – објаснува Мургоска Станимировиќ.
Салмонелата е бактерија што најчесто се наоѓа во производи од животинско потекло, месо, јајца, млечни производи, и се размножува особено брзо во летниот период ако храната не се чува правилно.
– Мора да се внимава на темелна термичка обработка на храната, особено сега во лето. Храната не смее да се чува на собна температура, туку во разладни уреди. Салмонелата може да биде присутна и примарно во животните – предупредува Мургоска Станимировиќ.