САЛАТА ОД ПИПЕРКИ ЗАЧИНЕТА СО ФОЛТИН Изложба на слики и монотипии од Диме Темков

На 1 јуни во битолската Магаза ќе се отвори изложбата на македонскиот уметник, ротаријанец и страствен кулинар Диме Темков. Музички зачин на оваа изложба инспирирана од македонските црвени пиперки, ќе биде славната битолска петорка - Фолтин. Изложбата ќе има хуманитарен карактер, а ќе трае до 8. јуни

350

На 1 јуни во битолската Магаза, љубителите на уметноста, музиката и хуманоста ќе имаат можност да присуствуваат на отворањето на изложбата на слики и монотипии од македонскиот уметник, ротаријанец и страствен кулинар Диме Темков.

Изложбата која е насловена како „Салата од пиперки зачинета со звучни Фолтински илустрации“ ќе понуди повеќе од 50 апстрактни платна и монотипии, а звучниот зачин ќе го донесат прекрасните битолчани „Фолтин“ со жива музичка илустрација на визуелните дела.






Пиперките – како локален симбол – се преточени во дела што го одразуваат внатрешниот импулс, бојата на страста и автентичноста, сјајот на македонската земја и на македонската кујна.
„Македонската земја раѓа најубав зеленчук. Домати, краставици, салата, моркови, тиквички и тикви, магдонос, кромитчиња, целер, лук, грав, пченка – се е прекрасно и ги радува непцата на човекот. Исто е и со овошјето, чувствата ги разбудуваат црешите, сливите, јаболките, дињите, капините, грозјето и низа слатки продукти. Се тоа е најубаво од земјата и на пазарите. Ах, ти убавино на градините и природата!
Но, едно нешто ги разбудува внатрешните импулси посилно од другите, еден продукт е посилно наш од сите други. Тоа се пиперките. Тие се летна и есенска секојдневица на кујните и трпезите, кралици на пазарите, блескотна форма на големите изложби на зелени, бели, жолти и црвени чушки (како што велат во Тиквешијата), бескрајна низа на големи и мали, слатки и лути пиперчиња кои светат без крај и пленат дури кришум, како изливи на летните убавини и отворените очи.
Тајната на црвените пиперки е нашата незаобиколна потреба на душата, пледираме за нив, уживаме во нивната убавина, нивното црвенило е единствено со црвениот сјај на нашата основна човечка боја. Тие се блесок во нашата внатрешнина, излез од соништата на кои не им го знаеме изворот, но умот и сензибилитетот ја нагласуваат потребата да ја сакаме и употребуваме како израз. Во овие слики и графики за годинешната изложба во Битола црвенилото на пиперките е симболичка неопходност за да бидат создадени, тоа се покрива и се открива – црвенилото на пиперките е внатрешен сјај на небото.
Во нашата добротворна организација Ротари ние се реализираме како суштества на добри дела. Тука ги прегрнуваме сите луѓе со потреби, а ја возникнуваме општата потреба да се соединуваме во хуманата акција. Сите бои ни се подеднакви. Но во оваа изложба во Битола ја преферираме црвената боја на пиперките како внатрешен импулс на градењето ликовни дела“, пишува на каталогот за изложбата која ќе трае до 8 јуни.

Поврзани содржини