Салата „Ахој“ во Ротердам за Евросонг станува болница со 680 кревети
Холандскиот Национален институт за јавно здравје вчера предупреди дека капацитетот на одделенијата за интензивна нега може да се надмине во наредните недели по оваа стапка на заразување.
Концертната сала „Ахој“ во Ротердам, во која во мај требаше да се одржи натпреварот за песна на Евровизија ќе се претвори во болница за лица заразени со коронавирусот во Холандија.
Раководството на салата соопшти денеска дека почнале да се поставуваат првите 88 од планираните 680 болнички кревети.
Ахој салата ќе се отвори наскоро и во неа ќе се сместуваат пациенти со коронавирус или други болести на кои им е потребна нега, но не мора да бидат во болница.
Тоа ќе го намали притисокот врз болниците во Холандија, каде што бројот на заразени нагло се зголеми од моментот кога беше пријавен првиот случај, на 27 февруари.
Холандскиот Национален институт за јавно здравје вчера предупреди дека капацитетот на одделенијата за интензивна нега може да се надмине во наредните недели по оваа стапка на заразување.