Сакате да бидете новинар? Плусинфо ви нуди шанса – платена обука од 1 јуни до 31 август и постојан ангажман од 1 септември!
Амбициозниот тримесечен тренинг е бесплатен. Никој од курсистите нема да плати ни денар. Напротив, бидејќи обуката опфаќа и двомесечна практична работа во редакциски услови, на курсистите ќе им бидат исплатени пристојни хонорари за нивниот ангажман!
Редакцијата на интернет порталот Плусинфо организира ЛЕТЕН ТРЕНИНГ ЗА МЛАДИ НОВИНАРИ, кој ќе трае од 1 јуни до 31 август годинава.
Мала група од најмногу 5 млади луѓе, кои имаат намера да почнат професионална кариера во новинарството, ќе добијат ексклузивна можност да добијат обука низ практична работа, со која ќе стекнат шанса на 1 септември да склучат договор за постојан ангажман во Редакцијата на Плусинфо.
За сите избрани апликанти обуката не само што е бесплатна, туку за месеците јули и август, во екот на практичната работа во редакциски услови, Плусинфо на курсистите ќе им исплати соодветни хонорари за ангажманот. Се разбира, во тие два летни месеци, секој од апликантите, доколку сака, ќе може да отсуствува две недели поради летен одмор.
Зошто го правиме ова?
Плусинфо има потреба од подмладување на тимот, а има и врвен обучувач во Редакцијата. Тренингот ќе го води Бранко Героски, долгогодишен новинар и уредник, но и тренер со големо искуство.
Героски ги водел тренинзите во дневниот весник „Дневник“, а бил предавач и на Летната школа на Факултетот за новинарство на УКИМ, тренер на Едногодишната школа за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) во неколку циклуси, предавач на Високата школа за новинарство и односи со јавноста на МИМ, тренер на млади новинари во рамките на проект поддржан од УСАИД и тренер во неколку други ин-хаус обуки. Тој е автор е на три книги за новинарството, од кои најпопуларна е „Биди новинар“ (Матица, 2005).
Покрај Героски, кој ќе ја раководи обуката и на курсистите ќе им ги пренесе базичните новинарски техники и вештини, ќе се вклучат и други предавачи. Нивната задача ќе биде на курсистите да им помогнат во совладувањето на техниката на работа во админ-панелот на WordPress, но и во користењето на некои неопходни алатки и апликации како што се Photoshop, Power Point, Adobe Ilustrator и други. Посебен акцент ќе се стави на областите Мултимедија и Менаџмент на социјалните мрежи.
Каков е планот на обуката?
Планот за обуката е амбициозен. До 1 јуни, групата тренери ќе ги разгледаат апликациите на кандидатите, ќе интервјуираат десетина од нив и ќе ја состават групата за тренинг. Во текот на месец јуни, курсистите ќе имаат обука во просториите на Редакцијата на Плусинфо – 3 пати неделно по 3 часа, во попладневни и во вечерни термини.
Во почетокот на јули, курсистите ќе се вклучат во редовната редакциска работа, но ќе работат по посебна програма, со посебни задачи и под директно водство на нивниот тренер. Целта е усвоените знаења да се применат во пракса, а сработеното да се анализира на посебни фидбек-сесии, еднаш неделно.
Бидејќи во летните месеци курсистите ќе имаат сериозен работен ангажман, Плусинфо ќе им исплати соодветни хонорари, пристојни за наши прилики.
Очекуваме на крајот на обуката на курсистите да им понудиме постојан работен ангажман во Редакцијата на Плусинфо, бидејќи тоа е и основната смисла на овој проект.
За нашата сериозност, меѓу другото, сведочи и фактот дека оваа обука е проект во кој самостојно инвестира Плусинфо Издаваштво ДОО. Проектот не е финансиран или спонзориран од ниту еден друг субјект.
Кој може да аплицира?
ЛЕТНИОТ ТРЕНИНГ ЗА МЛАДИ НОВИНАРИ е шанса за секој млад човек што има желба да почне професионална кариера во новинарството и при тоа сака основните техники и вештини да ги совлада во средина во која работат искусни професионалци, предводени од новинарот и уредник Героски, кој е докажан едукатор на генерации млади новинари, од кои голем дел денес се познати и признаени медиумски професионалци.
Годините на апликантите не се посебно ограничени, но пожелно е тие да бидат од помладите генерации. Исто така, факултетската диплома не е елиминациски услов, но пожелно е апликантите да имаат завршено високо образование или да се студенти во завршните години. Очекуваме кандидатите да имаат основно познавање на англискиот јазик и солидно познавање на работа со компјутери (Windows, Microsoft Word, интернет, социјални мрежи).
Секако, од кандидатите очекуваме и недвосмислено да изразат волја за ангажман во Редакцијата на Плусинфо, која ја организира обуката.
Како се аплицира?
Апликациите на кандидатите ги очекуваме најдоцна до четврток, 27 мај, на и-мејл адресите [email protected] и [email protected] (на двете истовремено).
Апликацијата треба да содржи Биографија односно CV на кандидатот (која треба да содржи и и-мејл адреса за контакт и по можност и телефонски број), како и Мотивациско писмо на кандидатот.
Во Мотивациското писмо очекуваме секој кандидат да образложи зошто сака да стане професионален новинар, како гледа на македонското новинарство денес и што очекува од ангажманот во Редакцијата на Плусинфо.
По пристигнувањето на апликациите до 27 мај, најдоцна до 31 мај (понеделник), тренерите ќе ги интервјуираат избраните кандидати и ќе ја оформат групата за тренинг.
Редакцијата на Плусинфо ве очекува. Станете дел од нашата нова генерација новинари!