САКАМЕ СТРУЧЕН ДИРЕКТОР, А НЕ ПАРТИСКИ ВОЈНИК Вработените во Филхармонија им испратија писмо на Мицкоски и на Љутков
Од Министерството за култура кусо одговараат дека додека трае конкурсот не можат ништо да коментираат.
Вработените во Македонската филхармонија стравуваат дека на конкурсот за избор на нов директор, што трае до понеделник, ќе биде избран кадар кој не е компетентен за функцијата.
Затоа испратиле отвореното писмо до премиерот Христијан Мицкоски и до министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Во писмото велат дека сакале однапред да укажат, за да не се повтори погубната практика на кадровски грешки од минатото.
Нивната реакција е поврзана со изјава од интервју во јуни за Телевизијата 24, на денес првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити. Во неа тој вели дека при распределбата на функциите, Вреди ја добива Македонската филхармонија и дека професорот по соло пеење во Средното музичко училиште, Мустафа Имери, ќе биде прв Албанец што ќе раководи со институцијата.
„Оваа скандалозна објава ја руши легитимноста на конкурсот кој се уште е во тек, бидејќи името на г-дин Имери сѐ уште фигурира низ кулоарите како сигурна и договорена опција за директорското место на нашата институција“, велат од Македонската филхармонија во отвореното писмо.
Лицитацијата на функции без спроведување на законска процедура со јасно утврдени критериуми е навреда за вработените, пишува во писмото.
Вработените во Филхармонија покренаа и петиција, потпишана од 100 од вкупно 120 вработени во институцијата.
Од Министерството за култура кусо одговараат дека додека трае конкурсот не можат ништо да коментираат.