САКАЛ ДА ГРАДИ НАДВОР ОД ДОЗВОЛЕНОТО Герасимовски го затрупа неговото градилиште
Инвеститорот имал дозвола за градба, но општината утврдила дека градел надвор од одобрението за градба и не ги почитувал препораките на инспекторите.
Oпштина Центар целосно го затрупа градилиштето на улицата 9 мај, во близина на Универзаланта сала каде што до неодамна се градеше зграда, соопшти Горан Герасимовски, градоначалник на општината.
Инветиторот имал дозвола за градба, но општината утврдила дека градел надвор од одобрението за градба и не ги почитувал препораките на инспекторите да се усогласи со одобреното.
Затрупувањето на градилиштето почна во четвртокот. Случајот предизвика големо внимание во јавноста и поради тоа што јамата не беше обезбедена, а во еден момент пропадна и дел од улицата непосредно до градилиштето.
Градежната инспекција претходно го затвори градилиштето, а во март годинава одговорните се санкционирани од страна на општината со казни со вкупна вредност од 12.500 евра.
Инспекцијата утврди дека инвеститорот постапувал спротивно од издаденото одобрение за градење. Инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ е обврзан да постави армирано бетонски колови, тн. шипови, за обезебедување на јамата, кои тој не ги извел и со тоа постапил спротивно одобрението за градење. По ова, согласно Законот за градење, инспекцијата изготви решение за враќање на локацијата во првобитна состојба, со што трошокот за извршувањето на решението ќе се фактурира на инвеститорот, а со потпишана писмена изјава истиот е обврзан да ја врати и улицата во првобитна состојба.