САКААТ ДА НÈ ЗАТВОРАТ Судот ги блокира сметките на клиниката Жан Митрев
Од Клиниката сметаат дека е целосно неосновано образложението на Кривичниот суд дека се блокираат сметки на правни лица кои не се од интерес на клиниката.
Клиниката Жан Митрев соопшти дека Кривичниот суд на ден пред почеток на судското рочиште ѝ ги блокира сметките, а тоа како што велат оттаму, ќе значи целосно парализирање на работата на оваа здравствена установа.
„Укажуваме дека со донесените мерки целосно се блокира работењето на болницата Жан Митрев, која е здравствена организација од јавен интерес. Клиниката од денеска не може да ги отплаќа обврските кон банките“, се вели во соопштението од Клиниката.
Од Клиниката сметаат дека е целосно неосновано образложението на Кривичниот суд дека се блокираат сметки на правни лица кои не се од интерес на клиниката.
– „ПЗУ Жан Митрев Струмица“ и „Битола“, не можат сами да ги покријат инвестициите и тие ги покрива матичната клиника во Скопје. Другиот правен субјект „Фила Фарм“ работи со позајмица за да може да ги исплаќа побарувањата на правниот субјект „ЛАБС“, кој е исто основан и поврзан со клиниката „Жан Митрев.“ Друштвата кои се наведени се формирани и се финансираат согласно законската регулатива во државата и истите се тесно поврзани со функционирањето на клиниката. Тие вработуваат голем број луѓе и истите се двојно пораснати во капитал – велат од Клиниката.
Оттаму додаваат дека ќе направат се за да продолжат со нормално работење.
„Сакаме да ја информираме јавноста дека ќе направиме сè што е во нашите можности и лекувањето на ниту еден пациент нема да биде доведено во прашање иако, постапките на Кривичниот суд, а на барање на обвинителството одат во поинаква насока односно бараат наше затворање. Се што баравме е фер судење во однос на лагите и невистините пласирани против нашата Клиника, а добивме пресуда пред отпочнување на судскиот процес“, се наведува во соопштението.
Клиниката, како што наведува во соопштението, го очекувала овој развој на настаните по седуммесечната синхронизирано организирана хајка и бара од јавноста и од претставниците на меѓународната заедница во Македонија да се заинтересираат и да го следат судскиот процес.
„Потенцираме дека ваквото решение на Кривичниот суд е во спротивност со начелата на презумција на невиност и создава неиздржлив притисок врз Клиниката Жан Митрев“, се наведува во соопштението.