Сага за народот во бестрага
Постојат тези за кои цел живот сме верувале дека се непобитни, сè додека некој не ги предизвикал – и ги променил. Таква е природата на научниот метод: поставување хипотеза, проверка, докажување или отфрлање. Науката не е догма. Само има проблем: неверојатно е колку луѓе можат да веруваат во лага без доказ, а милион докази им се малку за очигледен факт.
Ох, колку бев горд како дете на моите предци. Мудри, досетливи, итри, тргнале некаде од зад Карпатите и се населиле секаде по источна и југоисточна Европа. Историската приказна за словенските миграции во шестиот век – племиња што се преливаат преку Дунав, дишејќи низ трски, за да освојат и асимилираат огромни пространства од Европа – долго ми ја разгоруваше имагинацијата. Да… Како дете. И потоа пораснав, на моја сопствена несреќа испадна дека и јас сум субјект на биолошки промени и стареење проследено со стекнување знаења и поставување незгодни прашања. Па се прашав: Како можеле цели популации, заедно со своите деца и старци, со добитокот и намирниците, да преминуваат планини и реки без да остават значајни археолошки траги? Како мала група луѓе од зад Карпатите, од подрачјата на денешна Полска и Украина, би можела да биде доволна за да доминира од Балканот до Русија, бришејќи култури стари илјадници години? Математиката не се совпаѓа, а логистиката на еден таков потфат, макар и траела подолго, сепак е неразумна.
А кога ќе се соочите со прашања без одговор, се појавуваат смели, но сигурно и поверодостојни хипотези, како следнава: Словените не биле доселеници или освојувачи, туку биле заеднички именител за балканските народи како Македонците, Тракијците и Илирите – чии митови, ритуали и имиња одекнуваат во словенската култура. Необјасниво силната врска на Јужните Словени со античко македонските кралеви, особено со Александар и Филип беше дополнителен мотив за развој на хипотезата.
На мое изненадување, оваа хипотеза воопшто не била нова. Оваа теорија, била застапувана уште во шеснаесеттиот век од извесен Винко Прибојевиќ, и веројатно треба да ја најдам и прочитам неговата книга за „Потеклото и славата на Словените“, која денес се перципира како „пан–словенска утопистичка литература“. Но, сепак, што е вистинска утопија? Доселувањето или староседелците – Словени?
Логистичка ноќна мора
Пренесувањето на стотици илјади луѓе преку Дунав во текот на шестиот и седмиот век, без современи превозни средства, би барало цела флота запрежни коли и бескрајна логистичка поддршка. Семејствата со деца и старци, добитокот, покуќнината и алатот би го забавило напредувањето до ползење, оставајќи кампови, гробови или напуштени предмети. Но, археолошките наоди од тој период покажуваат мали, незначителни земјоделски заедници, а не огромни орди. Од друга страна, малите групи би се интегрирале каде што одат, не би доминирале. Конечно, ако миграциите биле толку масовни, успешни, организирани походи, тогаш, каде се нашите приказни за тие настани? Зошто нема народни епопеи за славното преминување преку Дунав и Карпатите? Грците ја имаат Одисеја, Римјаните ја имаат Енеида, Евреите го имаат Егзодусот, Скандинавија ги има Сагите на Викинзите – но Словените, за своето наводно велико патешествие од зад Карпатите, немаат ниту една епска песна, ниту еден легендарен летопис. Само тишина.
Културна загатка
Културната загатка е исто така збунувачка: како успеале Словените да наметнат единствен јазик и идентитет на толку голема територија, насекаде по триаголникот Солун, Москва, Прага, без да се стопат со локалните традиции? Особено интригантно е што неписмени, нецивилизирани и без водачи прегазиле организирани култури на царства и кралства – без значајни и забележливи битки, освен можеби една чудна опсада на Солун во која на третиот ден се случило „чудото на Свети Димитрија“ и половина од напаѓачите решиле да се завртат против своите браќа и да го бранат градот… Ајде де…
Сите знаеме за Готите, за Хуните и за нивните траги, но споредено со успехот за асимилација на Словените, не се ни приближно толку моќни. Ви се чини невозможно? Затоа што е невозможно. Затоа, за мене и ова укажува дека Словените веќе биле таму – не како новодојденци, туку како наследници на древните балкански жители.
Генетика
Шок на системот, и мотив за овие хипотези всушност предизвика наука која типично не ја поврзуваме со историја или археологија. Кога ќе дознаете за себе дека имате генетска сличност од околу 72% со популацијата на Балканот за времето на неолитот, секако ќе се прашате нешто слично на ова: Дали сум различен? Но, разговори со пријатели, познаници, намерници и ненамерници водат во иста насока. Некаде педесетина, некаде осумдесетина, но никаде огромна последица од официјалната историја во која моите славни предци тргнале во извонредна авантура преку планини и реки. Всушност, генетските маркери на доселеници од тој регион се сведоа на бројка помала од 20%, која вклучува поширок контекст отколку заткарпатскиот регион. Ова, само по себе „легнува“ на хипотезата или на теоријата на Прибојевиќ.
Јазикот
Аха – ете го! Македонскиот е мошне очигледно во Словенската јазична група. Ете силен доказ дека сме се доселиле од зад Карпатите, нели?
Прво, нејасно е како јазикот ја одредува насоката на преселба, но поважно – каде точно стои дека старите Македонци немале зборови или јазик сличен на денешната словенска група? Веднаш ќе ви кажам – никаде. Односно, некаде, ама како никаде. Се опишува сличноста на јазикот со други групи на луѓе во денешна Грција, но се претпоставува без сериозна основа, дека „тоа мора да се Елини, односно Грци“. Но, и тука не е сѐ така чисто и едноставно. Мудро ставете ја како субјект на дискусија Атина, грчката божица родена од главата на Зевс, симбол на мудроста. Објаснете ја етимологијата на името „Атина“ со било која варијанта, подваријанта, дијалект или било што од хеленскиот свет. Ќе добиете само шпекулативни, нејасни нагаѓања. И тогаш можеби ќе се сетите на тоа дека ова име страшно потсетува на „Татина“ односно, онаа која е родена од татко. Каква убава „случајност“, едно име со етимологија зад Карпатите станува врвно божество кај Хелените. И не мора да одиме понатаму и да кажеме дека „Оној со посед на дно е Посејдон“. Не мора да ги поврземе „Оро“ и „Пеј“ со Орфеј, нели? Што врска има што со лирата и песната ги маѓепсувал луѓето да се фатат за раце и да направат круг играјќи. Тоа ќе биде исто така една прекрасна случајност. Случајност, на пример, како глаголот „оди“ кој „се поклопува со именката „одос“ – која на грчи значи „пат“. Не дека живееле блиску и формирале јазици позајмувајќи зборови и значења.
Да бидеме посериозни. Овие етимологии може да се резултат само на едно – постоење на словенски елемент на македонскиот простор, многу, многу пред формалното историско доселување. Овие лингвистички еха, во комбинација со неверојатноста на масовната миграција, со чудата во културата и необичните бројки во генетиката, создаваат живописна слика: Словените не биле освојувачи, туку балкански народи.
Историја
Сето погоре е во ред, но имаме голем проблем. Во историјата многу јасно е опишано доселувањето на Словените. Има солидна историска подлога тезата дека Словени сепак се доселиле на Балканот. Но, дали ова е пречка за погорната хипотеза? На ниеден начин. Никако не може да се интерпретира дека доселувањето значи дека е прво и единствено. Просто, доселениците се помешале со своите некогашни предци. И тука, можам да шпекулирам дека можеби се појавил називот „Словени“. Разбирливи, оние кои го знаат твојот збор, твоето слово. Историјата е приказна, приказната може да се менува согласно со политичките и социолошките потреби на времето во кое се раскажува. Генетиката, логистиката, лингвистиката и културата се точките на пресврт. Антропологијата ако сакате. Често се шегувам со моите грчки пријатели дека „Александар е единствен русокос Грк“.
Сага за народот во бестрага
Постојат тези за кои цел живот сме верувале дека се непобитни, сè додека некој не ги предизвикал – и ги променил. Таква е природата на научниот метод: поставување хипотеза, проверка, докажување или отфрлање. Науката не е догма. Само има проблем: неверојатно е колку луѓе можат да веруваат во лага без доказ, а милион докази им се малку за очигледен факт. Можеби и приказната за миграцијата на Словените е само уште една сага што треба да ја прочитаме повторно – овој пат со критички ум.