САД засега не најавуваат нови имиња на црната листа
Но, оваа алатка ќе ни овозможи да ги адресираме најитните закани за стабилноста и напредокот на демократските институции, изјавил Прајс, за Глас на Америка.
САД сè уште не најавуваат нови имиња опфатени со извршната наредба на претседателот Џо Бајден, изјави за „Гласот на Америка“ портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, одговарајќи на прашањето кога би биле ставени на црна листа потенцијално нови лица.
– Но, оваа алатка ќе ни овозможи да ги адресираме најитните закани за стабилноста и напредокот на демократските институции – Изјавил Прајс.
Во извршната наредба која вчера ја потпиша претседателот Џо Бајден се предвидува замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои претставуваат закана по безбедноста и мирот на секоја држава на Западен Балкан, а новина е што од годинава санкциите ќе се однесуваат и на оние лица, кои, меѓу другото, се одговорни или вклучени во попречување на имплементацијата на Договорот од Преспа од 2018 година.
Извршната наредба ќе опфаќа и лица кои директно или индиректно се вклучени во корупција, злоупотреба на јавни фондови, поткуп и слично.
На листата на санкции на Одделот за финансии на САД, сега се наоѓаат Љубе Бошковски, Мендух Тачи, Џеват Адеми, Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени. Повеќето од нив се ставени на оваа листа за време на администрациите на Бил Клинтон и Џорџ Буш.