САД ВОВЕДОА САНКЦИИ И ЗА СРПСКАТА НАФТЕНА ИНДУСТРИЈА Србија ги разгледува сите можности да ги намали загубите

САД воведоа санкции за руската компанијата „Гаспромњефт“ која поседува 50% од основната главнина на НИС. Во документот на американското Министерство за финансии се наведува дека Нафтна индустрија Србија АД, Нови Сад, е под ризик од секундарни санкции доколку врши трансакции со рускиот „Гаспромњефт“, кој е негов мнозински сопственик.

982

Српската нафтена компанија НИС се најде во средиштето на санкциите на САД за руската компанија „Газпромнефт“ и нејзините подружници воведени од американското Министерство за финансии пред 4 дена. Српската влада се обидува да го намали ударот од санкциите преку преговори со претставници на САД. Како можна опција за решавање на проблемот е Србија да ја преземе сопственоста на НИС, но за тоа треба да добие согласност од Русија и од САД.

Компанијата „Гаспромњефт“ поседува 50% од основната главнина на НИС, „Гаспром“ 6,15%, 29,87% од акциите се во сопственост на Република Србија, додека остатокот е на малцинските акционери.






Во документот на американското Министерство за финансии се наведува дека Нафтна индустрија Србија АД, Нови Сад, е под ризик од секундарни санкции доколку врши трансакции со рускиот „Гаспромњефт“, кој е негов мнозински сопственик.

„Американското Министерство за финансии денеска презеде опсежна акција за исполнување на обврската на Групата седум (Г7) за намалување на приходите од енергетиката на Русија, вклучително и блокирање на два од најголемите руски производители на нафта. од “флотата во сенка’, руските трговци со нафта, добавувачите на нафтени полиња со седиште во Русија и руските енергетски претставници“, се вели во соопштението на Канцеларијата за контрола на имотот (OFAC).

Според претставниците на американската администрација, новиот бран санкции има за цел не само да ги намали приходите на Русија од извозот на енергија, туку и да го урне нејзиниот производствен капацитет, што, според Вашингтон, ќе го направи заобиколувањето на санкциите уште поскапо за Москва.

Српската влада ги разгледува сите опции како да ја намали економската загуба од овие санкции. Формирана е работната група за следење на активностите на Министерството за финансии на САД во врска со воведувањето санкции за српската нафтена индустрија (НИС). Како можни опции се преговори со САД за изземање од санкциите или купување на акциите на руската компанија од Србија.

– Во овој момент е многу важно да добиеме дополнителни појаснувања од американската администрација. Во исто време се подготвуваме и за дијалог со претстојната американска администрација, со цел да се воспостави платформа за преговори со руската страна – рече по тој повод министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.

Ѓедовиќ Хандановиќ, која претседаваше со состанокот, додаде дека Владата на Србија „посветено работи на спречување на негативните последици од санкциите“.

„Државата ќе продолжи да ја следи понудата на пазарот и цените и да разговара со сите учесници на пазарот за да се зачува стабилноста“, рече таа и најави дека Работната група во наредните денови ќе одржува редовни состаноци и ќе го следи развојот на состојбите.

Директорот на компанијата „Србијагас“ Душан Бајатовиќ изјави дека Србија е подготвена за различни опции откако САД воведоа санкции кон НИС.

Тој за српската радио-телевизија изјави дека Србија не треба да им прави непријатели на Русите, кои се мнозински сопственици на НИС преку компаниите „Гаспромњефт“ и „Гаспром“.

– Имавме случаи кога беа воведени санкции, а потоа беа суспендирани. Не знаеме што ќе бараат Американците, дали условот е под 50% сопственост, дали е трета или 100% сопственост – рече Бајатовиќ.

Тој додаде дека нема да има непријателско преземање на НИС.

Властите во Белград очекуваат дека по разговорите со американските партнери, вклучително и идната администрација на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, ќе можат да обезбедат најдобри можни услови.

Шефот на српската дипломатија, Марко Ѓуриќ, вчера во изјава за Српската радио-телевизија (РТС) рече дека на новата американска администрација ќе и биде многу тешко да ги укине тие санкции без сложена конгресна процедура.

Разговорите за условите со американското Министерство за финансии започнаа вчера за да се најде „најдоброто можно решение“ за Србија, велат во Белград.

Меѓутоа, за САД „единствениот начин ризикот да биде нула е уделот на руската сопственост да биде нула“.

Тоа, како што изјави за РТС на 12 јануари помошникот државен секретар на САД, Џејмс О’Брајан, е ставот со кој тие влегуваат во разговорот.

– Веќе направивме такви работи кога станува збор за други руски компании во други земји – во Холандија, во Швајцарија, во Турција – рече О’Брајан.

Србија исто така очекува и да го слушне мислењето на Русија за ова прашање.

Нафтената индустрија на Србија е единствената компанија во земјата која се занимава со истражување, производство и преработка на нафта, како и производство на природен гас.

Поврзани содржини