ИЗРАЕЛ ЌЕ ДОЗВОЛИ ХУМАНИТАРНА ПОМОШ ЗА ГАЗА Резолуцијата за прекин на огнот не помина во ОН, САД ставија вето
Истовремено, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му рекол на Бајден дека, од друга страна, Израел нема да дозволи хуманитарна помош за Газа да влегува од територијата на Израел додека Хамас не ги ослободи заложниците.
Израел нема да ја спречи испораката на хуманитарна помош во Појасот Газа преку Египет, соопшти денеска кабинетот на израелскиот премиер. Одлуката на Израел ја потврди и американскиот претседател Џо Бајден кој рече дека разговарал со израелската влада за ова за време на неговата посета во Тел Авив.
„Да бидам јасен, ако Хамас ја пренасочи или украде оваа помош, тој уште еднаш ќе покаже дека не води сметка за благосостојбата на палестинскиот народ“, нагласи американскиот претседател во објава на социјалните мрежи најавувајќи 100 милиони долари помош за Газа и Западниот Брег.
Истовремено, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му рекол на Бајден дека, од друга страна, Израел нема да дозволи хуманитарна помош за Газа да влегува од територијата на Израел додека Хамас не ги ослободи заложниците. Нетанјаху рече и дека „масивниот, невиден“ пакет воена помош што Израел го обезбеди од Бајден ќе му помогне на Израел да победи во војната против Хамас.
Претходно, Соединетите Американски Држави ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара прекин на конфликтот меѓу Израел и палестинскиот Хамас за да се дозволи доставување хуманитарна помош во Појасот Газа. За предлог-резолуцијата на Бразил гласаа 12 членки, додека Русија и Велика Британија беа воздржани.
– САД се разочарани оваа резолуција не го спомнува правото на Израел на самоодбрана – рече американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд.
– Како и секоја нација во светот, Израел има вродено право на самоодбрана, како што се гледа во член 51 од Повелбата на ОН. По претходните терористички напади на групи како што се Ал Каеда и ИСИС, овој совет (Советот за безбедност) го потврди тоа право (на самоодбрана). Овој текст (на резолуцијата) требаше да го стори истото – ја објасни таа причината за ветото.
Нацртот го прозиваше Израел, без да го спомене конкретно, да ги повлече повиците до цивилите и персоналот на ОН да се повлечат на југот на палестинската енклава и ги осудува „терористичките напади на Хамас“. Резолуцијата исто така го осудува секое насилство и непријателство кон цивили и сите терористички недела и повика на итно и безусловно ослободување на сите заложници.
Израел минатата недела повика 1,1 милион жители на Газа, или речиси половина од населението, да се повлечат на југ додека се подготвува за копнена офанзива како одговор на најлошиот напад на Хамас врз цивилите во 75-годишната историја на Израел.
Портпаролката на Белата куќа Адриен Вотсон во објава на Икс рече дека САД не веруваат оти Израел е одговорен за вчерашната експлозија во болницата во Газа. Таа додаде дека САД продолжуваат да собираат информации за експлозијата.