САД СПРЕЧИЈА НУКЛЕАРНА ВОЈНА МЕЃУ ИНДИЈА И ПАКИСТАН Трамп очекува траен прекин на огнот
Спречивме нуклеарен конфликт. Мислам дека ова можеше да биде лоша нуклеарна војна, милиони луѓе можеа да бидат убиени, па затоа сум многу горд, изјави американскиот претседател Доналд Трамп пред новинарите во Белата куќа.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека спречил „нуклеарен конфликт“ меѓу Индија и Пакистан откако двете земји во саботата објавија прекин на огнот, со што заврши нивната најсериозна конфронтација во последните две децении.
– Спречивме нуклеарен конфликт. Мислам дека ова можеше да биде лоша нуклеарна војна, милиони луѓе можеа да бидат убиени, па затоа сум многу горд – изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.
Американскиот претседател го поздрави фактот дека неговата влада помогнала да се постигне „целосен и непосреден“ прекин на огнот. Тој изрази надеж дека прекинот на огнот ќе биде траен, додавајќи дека со тоа завршил „опасен конфликт меѓу две земји со повеќекратно нуклеарно оружје“.
– Ако престанете, ќе тргуваме. Ако не престанете, нема да тргуваме – рече Трамп.
Според него, трговијата е главна причина Индија и Пакистан да престанат да војуваат.
Индија и Пакистан во текот на минатата недела беа на работ на нова отворена војна. Двете страни се нападнаа меѓусебно со беспилотни летала, се гранатираа со артилерија и започнаа ракетни напади. Немаше знаци за смирување на непријателствата, но во саботата попладне Трамп ги изненади сите објавувајќи дека постигнал „целосен и моментален прекин на огнот“ по интензивните дипломатски преговори предводени од потпретседателот Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио.
Њу Делхи и Исламабад потоа потврдија дека се согласиле „директно“ да ги спроведат условите од прекинот на огнот.
Додека го објавуваше постигнатиот договор Трамп спомена дискусии за „решение за Кашмир“. Меѓутоа, извор од индиската Влада брзо ја отфрли таквата можност.