САД со декрет на Бајден се заканија со санкции и за лица кои ги попречуваат Преспанскиот и Охридскиот договор
Новата извршна наредба на американскиот претседател Бајден за блокирање на имот и за запирање на влез во САД на лица кои придонесуваат за дестабилизација на состојбата во Западен Балкан предвидува и санкции за оние што ја попречуваат имплементацијата на двата договори од Македонија.
„Извршна наредба за блокирање на имот и запирање на влез во Соединетите држави на одредени лица кои придонесуваат за дестабилизација на состојбата во Западен Балкан“ е насловот на новиот декрет на американскиот претседател Џозеф Бајден, кој ги наведува и Преспанскиот договор од 2018 година и Охридскиот рамковен договор од 2001 година. Документот на Белата куќа носи датум 8 јуни 2021 година.
Извршната наредба на Бајден, меѓу другото, опфаќа и лица и ентитети одговорни или соучесници, директно или индиректно вклучени во попречување или загрозување на спроведувањето на регионалната безбедност, мирот, соработката или договорите за меѓусебно признавање или механизмите за отчетност поврзани со Западен Балкан, „вклучувајќи го и Договорот од Преспа од 2018 година и Охридскиот рамковен договор од 2001 година“.
Наредбата на Бајден предвидува блокада на имотите на лица што ја загрозуваат стабилноста на регионот, имоти во САД или поврзани со САД, односно кои се во сопственост или под контрола на кое било лице од САД. За замрзнувањето на имотите ќе одлучуваат Секретарот за финансии и Државниот секретар.
Исто така, извршната наредба на Бајден предвидува забрана за влез во САД за лицата кои се одговорни, директно или индиректно, за закани по мирот, безбедноста, стабилноста или по територијалниот интегритет на која било област или држава во Западен Балкан, за поткопување на демократските процеси или институции во регионот, за попречување на Договорот од Преспа, Охридскиот рамковен договор и други регионални договори, но и за сериозни прекршувања на човековите права, корупција, злоупотреба на јавни фондови, експропријација на приватен имот или средства за лична корист или за политички цели и за поткуп.
Целиот документ можете да го прочитате на следниот ЛИНК.