САД СЕ ВРАЌААТ НА БАЛКАНОТ НА ГОЛЕМА ВРАТА Новиот план во центар ги става Отворен Балкан и Србија
Законот ќе ги прошири овластувањата за американско санкционирање на корумпираните, како и изградба на нови регионални економски иницијативи кои треба да ја подобрат конкурентноста на регионот на глобалниот пазар, истакнува Грубјешиќ.
Има сѐ повеќе гласини, но и анализи кои покажуваат дека Вашингтон го враќа фокусот на Западен Балкан, пишува Б92. Откако сенатори од двете најмоќни партии во САД го презентираа нацрт-законот со кој ќе има санкции за дестабилизирачките активности во регионот и ќе се искоренува корупцијата, јасно е дека земјата со големо внимание следи што се случува и сака пак да биде главниот играч.
Демократската сенаторка Жана Шахин, која ги претстави двата нацрт-закони, рече дека односот на САД со регионот е клучен во овој момент, кога „евидентни се намерите на рускиот претседател Владимир Путин да шири малигно влијание низ Источна Европа“, поради што треба да се зајакне приближувањето на регионот кон ЕУ и НАТО.
„Новиот двопартиски закон ја зајакнува трговијата и инвестициите меѓу САД и Западен Балкан, додека се бори против корупцијата, преку усвојување на посебен закон за санкции против дестабилизирачките актери. Сето ова го отвора патот за пошироки евроатлански интеграции“, рече сенаторката.
А, во целата приказна главниот акцент е ставен на Отворен Балкан, кој е поддржан како иницијатива и на инвестициите во Србија, која како централна земја веројатно ќе извлече најголеми инвестиции.
Малку го запоставивте регионот
Претседателот на образовниот и истражувачки центар „ЛИбек“ во Србија, Милош Николиќ, посочува дека предлогот на овој закон на некој начин претставува „будење на Америка во однос на Западен Балкан“.
Тој предлог, како што вели, има повеќе слоеви – економски, безбедносен, енергетски, инфраструктурен, образовно-културен, медиумски аспект.
– Тоа е сеопфатен предлог за долгорочно зајакнување на стратешкото присуство на САД во нашиот регион. Некои од целите на предлогот се поитни, како што е, на пример, позицијата на мисијата ЕУФОР во Босна и Херцеговина. Другите се фокусираат на регулирање на областа на санкциите, која делумно беше опфатена со указите на претседателот на САД – оценува Николиќ.
Петгодишен план за Србија
Николиќ смета дека за Србија најважните цели на американските предлог-закони се поврзани со „поддршка на полето на градење економски просперитет и зајакнување на демократските институции, односно поддршка во областа на регионалните инфраструктурни проекти“.
– Овде е предвидено усвојување на петгодишна стратегија. Поддршката што во оваа смисла можат да ја добијат нашите компании и приватниот сектор, а пред сѐ малите и средни компании може да биде многу значајна за економијата. Во овој контекст, важно е да се нагласи дека предлогот експлицитно го нагласува големиот потенцијал и иницијативи на Отворениот Балкан. Исто така, особено сакам да истакнам дека се препознава важноста на образовната соработка, партнерствата меѓу универзитетите и важноста на младинската соработка – подвлекува Николиќ.
Посилен инструмент за борба против корупцијата
Сузана Грубјешиќ од Центарот за надворешна политика исто така го дели мислењето дека војната во Украина и руската агресија го вратиле фокусот на САД на Западен Балкан бидејќи, според неа, интеграцијата на регионот во евроатлантските структури останува незавршена работа.
– Второ, САД посветуваат се повеќе внимание на присуството на Кина во регионот, што може да значи и зголемено американско учество – оценува таа.
Како што вели, САД ќе креираат нови антикорупциски иницијативи кои ќе го опфатат целиот регион.
– Законот ќе ги прошири овластувањата за американско санкционирање на корумпираните, како и изградба на нови регионални економски иницијативи кои треба да ја подобрат конкурентноста на регионот на глобалниот пазар – истакнува Грубјешиќ.
Таа потсетува дека во јуни минатата година американскиот претседател Џо Бајден донесе указ со слична содржина како овие предлог закони.
– Иницијативата на шест сенатори од двете американски партии им дава на Соединетите Американски Држави посилен инструмент за борба против корупцијата и руското и кинеското влијание на Западен Балкан – заклучува Сузана Грубјешиќ.
Корупцијата зависи од политичарите
Претседателот на „Либек“, Милош Николиќ, не е оптимист дека американските закони ќе придонесат многу за борбата против корупцијата на Западен Балкан.
– Борбата против корупцијата е нешто што не смее да се гледа како домашна задача однадвор, туку како автентична волја на нашите домашни политички чинители. Овој предлог подразбира одредени механизми за поддршка на таа волја. Но, ова останува нешто што првенствено зависи од волјата на избраните политичари земји од нашиот регион и предвидените санкции нема да можат толку да променат – вели Николиќ.
Неизбежно е, руското влијание ќе се намалува
Николиќ смета дека и без овие американски закони, руското влијание на Балканот „неизбежно ќе се намали на долг рок поради променетите геополитички околности на нашиот континент“.
– Идејата зад овој предлог е како да се осигура дека поради ова историско повлекување, Русија предводена од Путин нема да предизвика фрактури кои политички и безбедносно би можеле да го дестабилизираат регионот. Овој предлог има за цел да ги пополни стратешките празнини пред другите. Затоа е предложен широкиот опсег на поддршка и затоа се нудат можности за соработка, што не е само декларативно – објаснува Николиќ.