САД, РУСИЈА И УКРАИНА НА ИСТА МАСА? Трамп спрема трилатерален средба со Путин и со Зеленски
Американскиот претседател најави можен трилатерален самит САД–Русија–Украина и предупреди на „тешки последици“ за Москва доколку не се согласи на крај на војната.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека, доколку претстојната средба со рускиот лидер Владимир Путин помине успешно, брзо ќе иницира втора средба, овој пат заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– Ако првата помине добро, многу брзо ќе имаме втора. Би сакал тоа да се случи речиси веднаш, и многу брзо да имаме средба меѓу претседателот Путин, претседателот Зеленски и мене. Би бил среќен да бидам таму – рече Трамп пред новинарите.
Првиот состанок меѓу Трамп и Путин е закажан за петок во американската воена база во Енкориџ, Алјаска. Според американскиот лидер, целта е да се разговара за начините за ставање крај на војната во Украина.
Трамп, исто така, предупреди дека Русија ќе се соочи со „многу тешки последици“ доколку Путин одбие мировен договор.
– Да, ќе има – нагласи тој, без да открие детали. Претходно најави дека е подготвен да воведе строги економски санкции против Москва ако не се постигне напредок кон мир.
Американскиот претседател изрази желба за трилатерален самит на кој би учествувале САД, Русија и Украина, откако претходно истиот ден учествуваше во виртуелни консултации со Зеленски и со лидерите на неколку европски држави, како и претставници на ЕУ и НАТО.
Трамп изјави дека имал „многу добар разговор“ со европските лидери, вклучувајќи го и украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека се подготвува за самитот в петок со рускиот лидер Владимир Путин.
– Имавме многу добар разговор…. Би го оценил (разговорот) со 10. Знаете – многу, многу пријателски – им рече тој на новинарите за време на настан во Центарот Кенеди во Вашингтон.