„На македонската политичка сцена против ЕУ се само Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев. Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – Левица се единствените кои се против ЕУ и европската иднина на државата и нејзините граѓани. Во заложништво на Апасиев, Мицкоски со него се натпреварува како да го закочи патот кон ЕУ и кој ќе предизвика поголема штета на државата, на идните генерации“.
Ова на прес-конференција го изјави пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски. Тој рече дека за време на посетата на претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски и на средбите со високите државни претставници на Соединетите држави, земјава добила силна поддршка од нашиот најважен и најголем сојузник САД.
„Сето тоа е потврда за успешните државнички политики на СДСМ и претседателот Ковачевски и мотив плус, соработката со стратешкиот партнер САД, дополнително да се интензивира. Исклучително важна за нас е пораката дека САД силно ќе ја поддржат европската иднина на земјава, реформите и чекорите за полноправно членство во ЕУ“, рече Каевски.