САД НЕ ПОБАРАЛЕ БЕРЛИН ДИРЕКТНО ДА СЕ ВКЛУЧИ ВО ВОЈНАТА ПРОТИВ ИРАН Мерц добил уверување од Трамп дека американската војска ќе остане во Германија

Се надеваме дека војната ќе заврши што е можно поскоро. Се надеваме дека Израелците и американската војска ќе ги направат вистинските работи за да го завршат ова и дека ќе имаме навистина нова влада во Иран која ќе ги поддржува мирот и слободата, рече германскиот канцелар Фридрих Мерц на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп.

6

Американскиот претседател уште еднаш ме увери дека САД имаат намера да го задржат своето воено присуство во Германија, рече германскиот канцелар Фридрих Мерц во Вашингтон по средбата со Доналд Трамп во Белата куќа, додавајќи дека ова е добра вест и дека не очекува ништо друго.

Со оглед на критичкиот став на Трамп кон Европа, во последните месеци се шпекулираше дека тој би можел да ги повлече американските трупи од Германија.






Мерц не разјасни дали Трамп ветил дека американскиот воен контингент ќе остане на сегашното ниво.

Германскиот канцелар истакна дека во пресрет на самитот на НАТО во Анкара во јули, разговарал со Трамп за тоа како подобро да се организира заедничкото воено одвраќање во иднина, без да ги открие деталите.

– Трамп призна дека германската Влада, исто така, презеде одредена лидерска улога во зајакнувањето на европскиот столб на НАТО – рече Мерц, заклучувајќи дека САД ја почитуваат Германија и нејзините големи инвестиции во нејзината конвенционална војска.

По средбата со Трамп, Мерц изјави дека ниту Израел ниту САД не побарале од Берлин директен воен придонес во војната против Иран.

Канцеларот истакна дека му рекол на Трамп дека Германија може директно да се вклучи во воен конфликт само со одобрение од парламентот.

Додаде дека разговорот со Трамп главно бил фокусиран на ситуацијата поврзана со конфликтот меѓу САД и Израел со Иран и истакна дека Иран „му се заканува на Израел, го дестабилизира регионот и шири терор“.

Како што изјави, промената на режимот во Иран би била добра вест за Иранците, но изрази сомнеж дека воен удар би довел до внатрешни промени во иранската влада.

– Се разбираме во контекст на отстранување на ужасниот режим во Техеран. Ќе разговараме и за сценариото „денот потоа“. Се надеваме дека војната ќе заврши што е можно поскоро. Се надеваме дека Израелците и американската војска ќе ги направат вистинските работи за да го завршат ова и дека ќе имаме навистина нова влада во Иран која ќе ги поддржува мирот и слободата – рече претходно Мерц за време на заедничкото обраќање до новинарите во Овалната соба.

Најави и дека ќе разговараат и за трговскиот договор меѓу САД и Германија, како и за војната во Украина.

 

Поврзани содржини