САД НЕ ПЛАНИРААТ НУКЛЕАРНИ ЕКСПЛОЗИИ Модернизирањето на арсеналот е критичен приоритет, вели министерот за енергетика

Голем дел од нашето оружје е многу старо. Арсеналот мора да се одржува модерен и ажуриран, за да се задржи глобалното лидерство. Ова е единствениот начин да се гарантира мир во странство и просперитет дома, вели американскиот министер за енергетика, Крис Рајт.

61

Тестирањето на нуклеарното оружје, наредено од претседателот на САД, Доналд Трамп, нема да вклучува никакви нуклеарни експлозии, изјави денеска министерот за енергетика, Крис Рајт.

– Мислам дека тестовите за кои зборуваме во моментов се системски тестови. Ова не се нуклеарни експлозии. Ова се таканаречени некритични експлозии – изјави Рајт во интервју за телевизијата Фокс њуз.






Планираните тестови, додаде тој, ги вклучуваат „сите други делови на нуклеарното оружје, за да се осигуриме дека тие ја испорачуваат соодветната геометрија и дека ја подготвуваат нуклеарната експлозија“.

Претседателот Трамп предизвика големо внимание неколку дена претходно, кога нареди итно да продолжи тестирањето на нуклеарното оружје, без да прецизира што точно ќе се тестира. Тоа остави отворена можност за прашањата дали би биле вклучени и подземни експлозии. Трамп ја оправда одлуката со образложение дека и другите земји вршат нуклеарни тестирања.

Рајт рече дека модернизирањето на американскиот нуклеарен арсенал е „критичен приоритет“.

– Голем дел од нашето оружје е многу старо. Арсеналот мора да се одржува модерен и ажуриран, за да се задржи глобалното лидерство. Ова е единствениот начин да се гарантира мир во странство и просперитет дома – рече Рајт.

Министерството за енергетика надгледува многу аспекти од американскиот нуклеарен арсенал, вклучувајќи ја и Националната управа за нуклеарна безбедност.

САД последен пат извршија тестирање на нуклеарно оружје во 1992 година. Заедно со Русија и Кина, досега се придржуваа кон деценискиот мораториум за подземни нуклеарни експлозии.

Вашингтон одржува широка програма за да обезбеди сигурност на својот нуклеарен арсенал. Ова вклучува компјутерски симулации, тестови со користење нуклеарни материјали кои не предизвикуваат верижни реакции и проби на технологии за проектили и боеви глави. Според некои експерти, ваквите мерки ги прават нуклеарните тестови непотребни.

Поврзани содржини