САД, КИНА И РУСИЈА ЌЕ ИМААТ ПОМАЛ ЕКОНОМСКИ РАСТ НАРЕДНИТЕ ГОДИНИ Глобалната економија забавува, предупредува ММФ

Се очекува глобалната инфлација да падне од околу 5,2% во 2024 година на 4,2%и во 2025 година и на 3,7% во 2026 година, но се предвидува дека ќе биде над целта во САД. Растот на светската трговија, исто така, ќе забави од 3,5% во 2024 година на 2,9% оваа година. Во 2026 година, стапката на раст на трговијата ќе остане непроменета на 2,9%.

47

Двете најголеми економии во светот, САД и Кина, треба да имаат помал економски раст оваа и следната година во споредба со 2024 година, се наведува во новата прогноза за перспективите на светската економија на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Според ММФ економскиот раст во САД за 2025 година ќе биде околу 2%, а во 2026 година може да биде малку повисок 2,1%, што е доста голем пад во споредба со 2,8% минатата година.






И Кина ќе има помал раст во споредба со 2024 година, кога беше 5%, па оваа година треба да биде 4,8%, а следната 4,2%.

ММФ очекува драстичен пад на економскиот раст во Русија: од минатогодишните 4,3%, на 0,6% оваа година и 1% следната година.

Од друга страна, се очекува благ раст во Еврозоната, Велика Британија и Јапонија, но тие проценти сепак ќе бидат околу еден процент.

Глобалниот економски раст ќе забави од 3,3% во 2024 година на 3,2% во 2025 година и на 3,1% во 2026 година. Прогнозата за оваа година е подобрена во споредба со јули, кога ММФ очекуваше економски раст од 3%.

Според ММФ, светската економија поминува низ период на длабоки промени, а растот на протекционизмот, намалувањето на меѓународната помош и построгите имиграциски политики доведоа до фрагментација на глобалниот пазар.

„Откако САД воведоа повисоки тарифи во февруари 2025 година, другите земји одговорија со реципрочни мерки, а последователните договори донекаде го намалија притисокот. Неизвесноста останува висока, особено во однос на стабилноста и идниот економски раст“, се вели во извештајот на ММФ.

На прв поглед, глобалната економија покажа отпорност во првата половина од 2025 година, но таа отпорност во голема мера се должи на привремени фактори, како што се забрзаниот увоз и складирањето стоки пред царините. Кога овие ефекти исчезнаа, активноста и пазарот на трудот почнаа да ослабуваат, предупредува ММФ.

Се очекува глобалната инфлација да падне од околу 5,2% во 2024 година на 4,2%и во 2025 година и на 3,7% во 2026 година, но се предвидува дека ќе биде над целта во САД.

Растот на светската трговија, исто така, ќе забави од 3,5% во 2024 година на 2,9% оваа година. Во 2026 година, стапката на раст на трговијата ќе остане непроменета на 2,9%.

Поврзани содржини