САД ЈА ТЕРААТ УКРАИНА ДА СЕ ПРЕДАДЕ ПОД УСЛОВИТЕ НА ПУТИН Каја Калас вели дека Европа сака мир, но да биде траен и праведен
Украина сака мир повеќе од кој било, бидејќи веќе четири години е под бомбардирање и сега влегува во петтата година. И Европа сака мир. Не е точно дека не го сакаме. Единствената страна што не сака мир е Русија. Да бидеме сосема јасни околу тоа - рече Калас.
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика Каја Калас ги обвини Соединетите Американски Држави дека вршат притисок врз Украина за да ја принудат да се предаде под условите на рускиот претседател Владимир Путин, пренесува „Еуроњуз“.
– Американските преговарачи речиси две години, поточно година и пол, се обидуваат да ја принудат Украина да се предаде. Украина не се предаде под условите на Путин само затоа што Европа ја поддржуваше – изјави Калас во вторникот пред Европскиот парламент.
Калас истакна дека присуството на Европа на преговарачката маса е неопходно за да се воспостави рамнотежа во однос на ставовите на Белата куќа, за кои тврди дека сè повеќе се приближуваат до интересите на Москва.
Калас зборуваше за најновите случувања пред Европскиот парламент во Стразбур, каде што неколку пратеници оценија дека Европа нема стратегија за мир.
– Тоа не е точно – одговори Калас, повикувајќи се на документ што им го претставила на европските престолнини. Во него се наведени барањата за кои Европа очекува Москва да ги исполни во рамките на идниот договор.
– Ако Русија ги изнесува своите максималистички барања, и ние мора да ги изнесеме нашите за да воспоставиме рамнотежа во преговорите. Мора да испратиме и јасна порака до Русија: за сè што ја интересира, како што е укинувањето на санкциите, Европа мора да биде на преговарачката маса, бидејќи тоа се европски одлуки – рече Калас.
– Нема да ги дадеме тие работи бесплатно. Не станува збор само за постигнување мир, туку и за тоа тој да биде траен и праведен – додаде таа.
Калас ја обвини Русија дека со воената блокада ја загрозува безбедноста на Црното Море, ги користи резервите на храна како оружје и се обидува да предизвика глобална криза со глад.
Романија и Бугарија неодамна пријавија руски напади со беспилотни летала во близина на нивните територијални води.
Високата претставничка ја критикуваше Москва и поради одбивањето на енергетско примирје и засиленото бомбардирање на Украина во пресрет на зимата.
– Украина сака мир повеќе од кој било, бидејќи веќе четири години е под бомбардирање и сега влегува во петтата година. И Европа сака мир. Не е точно дека не го сакаме. Единствената страна што не сака мир е Русија. Да бидеме сосема јасни околу тоа – рече Калас.
Калас е една од најгласните европски критичарки на политиката на Трамп кон Москва. Минатата недела за „Еуроњуз“ изјави дека договорот за дизелот бил подарок за Путин.
Од Брисел инсистираат дека, и покрај растечките несогласувања, соработката со САД мора да продолжи за да може да се влијае врз мировниот процес и да се заштитат интересите на Украина.
Високи претставници на Европската комисија, НАТО, Германија, Франција, Обединетото Кралство и Полска во вторникот пристигнаа во Осло за да учествуваат во новата рунда преговори.