САД ИЗВРШИЈА ВОЕН НАПАД ВРЗ ИРАН Фордо го нема, сите авиони се вратија, рече Трамп

САД извршиле воздушен напад врз три нуклеарни постројки во Иран, вклучувајќи ја и главната локација – Фордо.

1,477

Американскиот претседател Доналд Трамп преку социјалната мрежа „Truth Social“ објави дека САД извршиле воздушен напад врз три нуклеарни постројки во Иран, вклучувајќи ја и главната локација – Фордо.

– Го завршивме нашиот многу успешен напад врз трите нуклеарни постројки во Иран, вклучувајќи ги Фордо, Натанз и Исфахан – рече Трамп.






Тој додаде дека „цел товар бомби“ бил фрлен на локацијата Фордо и потврди дека сите американски авиони се вратиле безбедно по нападот.

Во втора објава, Трамп драматично изјави: „Фордо го нема“.

Според американски извори, бомбардирањето е извршено откако бомбардери Б-2 биле распоредени на островот Гуам. Висок американски функционер потврди дека токму овие стелт бомбардери биле вклучени во операцијата против иранските нуклеарни капацитети.

Сè уште не е потврдено дали во нападот учествувале и израелски воени сили, но нападот значително го проширува опсегот на воените дејства на Блискиот Исток.

– Сега е време за мир – напиша Трамп на крајот од својата објава, навестувајќи можен пресврт по агресивната офанзива.

Поврзани содржини