САД И ЕВРОПА МУ ПОСТАВИЈА УЛТИМАТУМ НА ИРАН – ДОГОВОР ДО КРАЈОТ НА АВГУСТ ИЛИ „СНЕПБЕК“ Трамп не брза да разговара со Техеран
САД и европските сојузници го сметаат механизмот „снепбек“ за заштитна мерка доколку преговорите со Иран не вродат со плод. Техеран, пак, предупредува дека ваквиот чекор би бил незаконски и најавува можност за повлекување од Договорот за неширење на нуклеарно оружје. Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не гледа потреба од итна комуникација со Техеран бидејќи - како што рече - САД веќе го постигнале своето со уништување на иранската нуклеарна инфраструктура.
САД и клучните европски сили – Франција, Германија и Обединетото Кралство – се договорија во понеделникот да го постават крајот на август како краен рок за постигнување нов нуклеарен договор со Иран, објави Аксиос.
Според 3 извори, запознаени со содржината на телефонскиот разговор во кој учествувале американскиот државен секретар Марко Рубио и министрите за надворешни работи на трите европски држави, доколку дотогаш не се постигне напредок, ќе се активира таканаречениот „снепбек“ (snapback) механизам.
Станува збор за механизам што автоматски ги враќа сите санкции на ОН што беа укинати со нуклеарниот договор од 2015 година, во случај на иранско прекршување. Неговото дејство истекува во октомври, а процедурата за активација трае 30 дена – што значи дека, ако Европа навистина тргне по тој пат, мора да го стори тоа пред Русија да го преземе претседателството со Советот за безбедност на ОН во истиот месец.
Зошто „снепбек“ е повеќе од инструмент за притисок?
Официјални лица од Вашингтон и на Европа го гледаат „снепбек“ не само како инструмент за притисок, туку и како безбедносна мрежа доколку дипломатските обиди не успеат. Но, Техеран од своја страна предупреди дека повторното воведување санкции нема правна основа и дека може да одговори со повлекување од Договорот за неширење на нуклеарно оружје (NPT).
Целта на разговорот меѓу Рубио и европските министри била да се координираат ставовите пред финалната дипломатска фаза, во која ќе се испрати јасна порака до Техеран дека може да го избегне враќањето на санкциите само ако преземе конкретни чекори за да ја увери меѓународната заедница во мирољубивоста на својата нуклеарна програма.
Меѓу тие чекори би се вбројувале повторното дозволување на инспекции од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), кои Иран ги суспендираше по американските и израелските напади врз неговите нуклеарни постројки. Друг можен потег би бил и отстранување на околу 400 килограми ураниум, збогатен до 60% чистота и складиран во објектите кои беа цел на нападите.
Позадината на овој дипломатски напор е обновената иницијатива на администрацијата на Доналд Трамп да се дојде до нов договор со Иран по завршувањето на војната меѓу Израел и Иран. Некои европски и израелски официјални лица изразиле загриженост дека Белата куќа би можела да ја забави или дури да ја блокира активацијата на санкциите, со цел да не се нарушат потенцијалните преговори.
„Иран треба да знае дека времето изминува“
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху минатата недела, за време на посетата на Белата куќа, директно го отворил прашањето пред претседателот Трамп, државниот секретар Рубио и пред специјалниот претставник Стив Виткоф. Според двајца израелски функционери, Нетанјаху побарал САД да не го попречуваат процесот на „снепбек“ и истакнал дека е важно Иран да знае дека времето за нов договор изминува.
– Имавме чувство дека Трамп и неговиот тим се согласуваат со нас – рекол еден од израелските претставници.
Висок американски функционер потврдил дека администрацијата на Трамп го поддржува активирањето на „снепбек“ и дека го гледа како ефикасен инструмент во преговорите со Иран. Тој додал дека Трамп е длабоко фрустриран што Техеран сè уште не се вратил на преговарачката маса.
Специјалниот претставник Виткоф, пак, бил јасен во комуникацијата со иранските власти – идните преговори мора да бидат директни, без посредници, за да се избегнат недоразбирања и да се забрза процесот.
Трамп не брза да разговара со Иран
Трамп изјави пред новинарите во Вашингтон дека „не брза да разговара со Иран, и покрај нивната подготвеност (на иранските власти)“, објави Вајнет њуз.
Според него, причината е тоа што САД „ги уништија иранските нуклеарни постројки“.
Иако времето истекува, дипломатската врата засега останува отворена. Но, пораката е недвосмислена: или Иран ќе покаже добра волја или санкциите што беа укинати пред речиси една деценија ќе се вратат со полна сила.