САД ГО СТЕГААТ ОБРАЧОТ, НЕМА АМЕРИКАНСКИ ВИЗИ ЗА ПАЛЕСТИНЦИ Владата на Трамп вели дека се работи за безбедносна мерка
Државниот секретаријат на САД пред две недели најави прекин на издавањето визи за жителите на Газа сè додека трае „целосна и темелна ревизија“, што беше осудено од прoпалестински организации. Според администрацијата на претседателот Доналд Трамп, се работи за безбедносна мерка.
Соединетите Американски Држави ги суспендираа визите за речиси сите лица кои поседуваат палестински пасоши, објави „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на неименувани официјални извори.
Новата мерка е построга и од претходните ограничувања воведени од американскиот претседател Доналд Трамп, кои се однесуваа на патници од Газа. Актуелната мерка ќе им оневозможи на Палестинците патувања во САД за медицински третмани, студии или деловни активности, наведува весникот.
Државниот секретаријат пред две недели најави прекин на издавањето визи за жителите на Газа сè додека трае „целосна и темелна ревизија“, што беше осудено од прoпалестински организации.
Во петокот, американските власти започнаа и со одземање и одбивање визи за членови на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) и на Палестинската управа (ПА), во пресрет на септемвриското заседание на Генералното собрание на ОН, потврди Стејт департментот.
Како домаќин на Обединетите нации, САД имаат обврска да издаваат визи за претставници кои учествуваат на заседанијата, но Вашингтон наведе дека го почитува договорот со тоа што ѝ дозволува на палестинската мисија присуство на собирот.
„Администрацијата на Трамп јасно стави до знаење: во интерес на националната безбедност е да ја држиме ПЛО и ПА одговорни за непочитување на нивните обврски и за подривање на перспективите за мир“, се наведува во соопштение на Стејт департментот.
Со новите мерки САД дополнително ја усогласуваат својата политика со владата на Израел, која силно се противи на создавање палестинска држава.