САД ЌЕ ЈА ПРОДАВААТ ВЕНЕЦУЕЛСКАТА НАФТА, ПРИХОДОТ ЌЕ ГО КОНТРОЛИРА ТРАМП Рубио најави план за Венецуела во три фази
Американскиот државен секретар Марко Рубио како централен елемент на почетната фаза го посочи нафтниот договор, според кој САД наскоро очекуваат да почнат со продажба на милиони барели венецуеланска нафта, а приходите би биле под контрола на САД и би се распределувале „на начин што ќе биде од корист за венецуеланскиот народ“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио го претстави планот на администрацијата на Доналд Трамп за Венецуела, кој е структуриран во три фази – стабилизација, опоравување и транзиција на власта. Тој порача дека со привремената влада на земјата ќе следуваат „уште договори“, јавува ЦНН.
Говорејќи по затворениот брифинг одржан за сите американски сенатори, Рубио истакна дека првата и клучна фаза е стабилизацијата, со цел да се спречи Венецуела да западне во дополнителен хаос. Според него, администрацијата во Вашингтон има значително влијание врз привремената венецуеланска влада, предводена од Делци Родригез.
Како централен елемент на оваа почетна фаза, Рубио го посочи нафтниот договор, нагласувајќи дека САД очекуваат наскоро да почнат со продажба на милиони барели венецуеланска нафта. Приходите од продажбата, според него, би биле под контрола на Соединетите Американски Држави и би се распределувале „на начин што ќе биде од корист за венецуеланскиот народ“.
– Веќе гледаме напредок со овој нов договор што беше најавен, а ќе следуваат и дополнителни договори – изјави Рубио, без да открие конкретни детали за идните аранжмани.
Втората фаза, опишана како период на опоравување и помирување, има за цел да овозможи американските, западните и другите странски компании да добијат „фер и отворен пристап“ до венецуеланскиот пазар. Истовремено, според Рубио, САД сакаат да го поттикнат процесот на национално помирување, кој би вклучувал амнестија за опозициските актери, ослободување на политичките затвореници или нивно враќање во земјата, како и постепена обнова на граѓанското општество.
Последната фаза од планот е транзицијата на власта. Рубио нагласи дека конечната одговорност за трансформацијата на земјата останува кај самите граѓани на Венецуела. Тој додаде дека дел од фазите ќе се одвиваат паралелно, а не строго последователно.
– Ова детално им го објаснив на сенаторите. Во наредните денови ќе има повеќе информации, но чувствуваме дека напредокот оди во позитивна насока – рече Рубио.
Според него, дипломатите секогаш „преферираат да решаваат проблеми на различни начини“.
– Се обидовме неколку пати да постигнеме исход што нема да подразбира дека мора да интервенираме и да уапсиме обвинет шверцер на дрога. За жал, тие обиди не беа успешни – рече Рубио.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека Венецуела ќе испорача почетна транша од 30 до 50 милиони барели нафта, која ќе се продава по пазарни цени.
„Тие пари ќе ги контролирам јас, како претседател на Соединетите Американски Држави, за да се осигурам дека ќе се користат за доброто на народот на Венецуела и на САД“, порача Трамп преку социјалните мрежи.
Според наводите на изворите, 50 милиони барели се само првата пратка, а испораките ќе продолжат неограничено. Американските санкции против Венецуела ќе бидат селективно укинати за да се овозможи транспорт и продажба на нафтата на светските пазари. Приходите од продажбата ќе бидат депонирани на сметки под контрола на САД, а средствата ќе ѝ бидат враќани на Венецуела според одлука на американската страна.
Планот подоцна го потврди и американскиот министер за енергетика Крис Рајтс.
– Ќе ја пласираме на пазар суровата нафта што доаѓа од Венецуела. Прво оваа заостаната, складирана нафта, а потоа, неограничено и во иднина, ќе ја продаваме и тековната венецуелска продукција на пазарот – рече тој.
Досега, санкционираната венецуелска нафта најчесто завршуваше во Кина, но сега ќе биде пренасочена кон САД. Трамп појасни дека танкери за складирање ќе ја транспортираат нафтата директно до американските пристаништа.
Венецуела, една од основачките членки на ОПЕК, располага со најголемите докажани резерви на сирова нафта во светот, но во моментов произведува околу 800.000 барели дневно. За споредба, САД моментално
произведуваат околу 13,8 милиони барели дневно.