„САД ДА ПЛАТАТ ЗА ШТЕТАТА ШТО МУ ЈА НАНЕСОА НА ИРАН, ПА ЌЕ ЗБОРУВАМЕ“ Техеран постави нови услови за враќање на нуклеарните преговори

Главниот ирански преговарач за нуклеарната програма, Абас Арагчи, изјави дека Иран нема да прифати ситуацијата да се врати „како ништо да не се случило“ по 12-дневната војна со Израел во која накратко се вклучија и САД, иако во тој момент преговараа со Техеран. Тој жестоко ги критикуваше и европските потписнички на договорот од 2015 година – Велика Британија, Франција и Германија – поради заканите дека ќе го активираат „снепбек“ механизмот и дека ќе ги вратат санкциите на ОН доколку Иран до крајот на август не ги обнови преговорите со Вашингтон и соработката со МААЕ. Арагчи нагласи дека таквиот чекор ќе значи целосен прекин на преговорите со европските земји.

593

САД мора да се согласат да го обештетат Иран за загубите претрпени за време на минатомесечната војна, изјави иранскиот министер за надворешни работи, додека Техеран ја зацврстува својата позиција и поставува нови услови за враќање на преговарачката маса со администрацијата на Трамп, објави Фајненшал тајмс.

Абас Арагчи, главниот ирански преговарач за нуклеарната програма, изјави дека Иран нема да прифати враќање на состојбата „како да не се случило ништо“ по 12-дневниот конфликт со Израел, во кој САД накратко се вклучија и покрај тоа што беа во преговори со Техеран.






– Тие треба да објаснат зошто нѐ нападнаа среде преговори и мораат да гарантираат дека тоа нема да се повтори. И мораат да нè обештетат за штетата што ја предизвикале – рече тој.

Арагчи изјави дека тој и американскиот претставник Стив Виткоф разменувале пораки за време и по војната, при што Иранецот му порачал на Американецот дека потребно е „решение во кое ќе добијат двете страни“ за да се надмине долгогодишниот ќорсокак околу нуклеарната програма.

– Патот до преговори е тесен, но не и невозможен. Морам да ги уверам своите претпоставени дека другата страна е искрена и дека навистина сака договор во кој сите добиваат – рече Арагчи.

Тој додаде дека Виткоф се обидел да го увери дека тоа е возможно и дека предложил обновување на преговорите, но Арагчи нагласил:

– Потребни се вистински мерки за градење доверба од нивна страна.

Тоа, според него, вклучува финансиска компензација (без да наведе детали) и гаранции дека Иран нема повторно да биде нападнат додека траат преговорите.

– Мојата порака до Виткоф не беше сложена. Му реков дека последната агресија покажа оти нема воено решение за нуклеарната програма на Иран, туку дека може да се дојде до решение преку преговори – рече Арагчи.

Војната доведе до сериозен отпор кон преговорите со САД

Конфликтот избувна на 13 јуни, кога Израел започна масовни воздушни напади врз Иран, само 48 часа пред закажаната шеста рунда индиректни разговори помеѓу Арагчи и Виткоф.

Израел не само што нападна нуклеарни објекти, туку, според иранските власти, ја уништи значителна дел од воздушната одбрана на земјата, уби високи воени команданти и најмалку 13 нуклеарни научници, и усмрти над 1.000 луѓе.

Иран возврати со ракетни и дронски напади врз Израел, при што израелските власти соопштија дека загинале 29 луѓе.

Два дена пред да се постигне прекин на огнот, Вашингтон ги бомбардираше двата главни ирански објекти за збогатување на ураниум – Фордо и Натанц – и испука ракети кон трета фабрика во Исфахан, при што беа сериозно оштетени објекти за кои Иран потрошил милијарди долари.

Арагчи потврди дека била погодена и нова, трета постројка за збогатување близу Исфахан, која Иран планирал да ја активира како одговор на осуда од страна на Советот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

– Колку што знам, подготовките беа во тек, но постројката сè уште не беше активна кога беше нападната – изјави тој.

Војната, според него, предизвикала пораст на отпорот кон преговорите во рамки на иранскиот режим, како и повици од дел од структури во Иран за вооружување на нуклеарната програма.

Арагчи инсистира дека теократијата останува посветена на мирољубива и цивилна програма и дека нема да ја промени својата доктрина, почитувајќи ја фатвата на врховниот лидер ајатолахот Али Хаменеи од пред две децении, со која се забранува развој на нуклеарно оружје.

Но, тој призна дека војната само ја продлабочила недовербата кон претседателот Трамп, кој во својот прв мандат се повлече од нуклеарниот договор од 2015 година.

– Чувствата против преговорите се многу силни. Луѓето ми велат: „Не троши време, не дозволувај да те измамат… ако дојдат на преговори, тоа е само параван за нивни други намери“ – рече Арагчи.

Иднината на преговорите и условите на Иран

Иако и Иран и САД пред војната изјавија дека преговорите напредуваат, тие се разидоа околу барањето на Трамп Иран целосно да запре со домашно збогатување на ураниум – барање кое Техеран го одби.

Иранските лидери ја зацврстија позицијата, тврдејќи дека како потписничка на Договорот за неширење на нуклеарно оружје, Техеран има право да збогатува ураниум.

И покрај тоа што Иран по војната ја прекина соработката со МААЕ, Арагчи најави дека очекува нова рунда разговори со агенцијата идниот месец, со цел да се воспостави нов „модел на соработка“.

Западни претставници велат дека, иако иранската програма е сериозно оштетена, не е уништена. Тие сметаат дека Иран сè уште поседува дел од резервите од 408 кг ураниум збогатен до 60% – блиску до ниво за оружје.

Арагчи рече дека не знае каде се наоѓа тој материјал, но додаде дека Иран и натаму ја има технолошката способност да продолжи со збогатување.

– Зградите можат повторно да се изградат. Машините можат да се заменат бидејќи технологијата е наша. Имаме доволно научници и техничари. Но, кога и како ќе продолжиме, зависи од околностите – рече тој.

Претседателот Трамп во понеделникот предупреди дека Иран испраќа „гнасни сигнали“ и порача дека САД би можеле повторно да нападнат ако Техеран ја рестартира програмата.

– Ќе ја избришеме побрзо отколку што можат да мавнат со прст – изјави тој.

Арагчи повтори дека нема да има договор сè додека Трамп бара Иран целосно да се откаже од збогатувањето, но нагласи дека Вашингтон може да ги изрази своите грижи преку преговори.

– Можеме да преговараме, тие нека го изложат својот аргумент, ние ќе го изложиме нашиот. Но, ако условот е нулта збогатување, тогаш нема што да разговараме – рече тој.

Американски претставник изјави дека Вашингтон е подготвен за директни разговори со Иран. Во средата, администрацијата на Трамп повторно ја нагласи својата определба за кампањата на „максимален притисок“, воведувајќи нови санкции против нафтена шема за транспорт.

Критика за Европа и можен крај на преговорите

Арагчи жестоко ги критикуваше Велика Британија, Франција и Германија – европските потписнички на договорот од 2015 година – поради заканите дека ќе го активираат „снепбек“ механизмот и ќе ги вратат санкциите на ОН доколку Техеран не ги обнови преговорите со САД и соработката со МААЕ до крајот на август.

Тој најави дека Иран ќе ги прекине преговорите со европските сили ако го сторат тоа, обвинувајќи ги дека не ги исполниле своите обврски од договорот.

– Со Европејците во моментов нема причина да се преговара, тие не можат да укинат санкции, не можат ништо да направат. Ако го активираат „снепбек“, тогаш тоа значи крај на патот со нив – рече Арагчи.

Поврзани содржини