Саботажа на системот
Она што граѓанинот, веќе денес, може да придонесе за конечната разрешница на ова лудило е инвестирањето во нови луѓе, нови политики – и партии, се разбира – коишто, прво, ќе ја докажат својата неинволвираност во сегашниве процеси, но и стручноста, компетентноста и пред сѐ моралниот интегритет пред македонската јавност. Впрочем, токму во ЕУ има такви и слични примери.
Тешко дека некој некогаш ќе успее да нѐ убеди дека сето ова, ова повторно раѓање на монструмот викан заробена држава не било планирано, или барем разгледувано како прифатлива опција и за актуелнава партиска врхушка којашто ја спроведува оваа реанимација на злото. Можеби имале еден услов: да не биде баш целосно пресликана Прибеова заробена држава, туку да се најде соодветна и малку камуфлирана/„порозова“ форма – па нека се вика и хибриден режим – но суштината сепак да остане иста!? Зашто, во друга сушност освен ваква монструозна, може ли така бескрупулозно да се лаже, мами и краде?
Или, всушност, оваа опција требаше да ни биде читлива веднаш по онаквиот крај – она „пуштање низ вода“ на „Шарената револуција“, по оние неколку снимки што се појавија во јавноста со пазарџијата во улога на (екс)премиер, по „кадарот“ што го сместија во најважните институции…? Веројатно, но секоја наивност се плаќа, особено политичката односно демократската! Зарем навистина не можевме да видиме дека овие слепци воопшто и немаа намера да се занимаваат со демократија, со политика (внатрешна и надворешна), со економија, образование, култура, наука…? Или не сака(в)ме да видиме? А сѐ ни беше предочи, сервирано на „тацна“ уште со влегувањето на новата власт во стиропорната резиденција на старата власт, со радикалното напуштање на сите реформски насоки, со кадровската инфилтрација на неспособни и неуки партиски војници итн.
Затоа е логично, се разбира, што сѐ почесто во јавноста слушаме – иако сѐ уште само од малкумина – прозивки и критики на власта за нејзината катастрофална неспособност и неукост да се носи со проблемите во државата. Освен оние абоненти од „магарешката клупа“ на коалицискава „елита“ и нејзините мутави пратеници во Собранието, речиси никој во државава, нема еден нормален збор за нив. А и не може да има, имајќи ги предвид нештата околу нас и речиси катаклизмичните предвидувања на експертите во сите области.
Но малкумина, или речиси никој, во еден ваков катастрофален актуелен контекст, не го спомнува зборот нечинење односно непостапување како можен, и би рекол клучен, именител односно базична оска во владеењето на оваа коалиција во изминативе пет години! Зашто, колку и да е неспособна оваа корумпирана „елита“, колку и да се неуки сите заедно и секој поединечно во таа Влада, колку и да е слепо, глуво и мутаво она Собрание…, некои нешта – или буквално сите нешта, целава fucking состојба во земјава – во однесувањето на оваа власт се, најблаго речено, рационално необјасниви. Бидејќи дури и полуписмен човек, па и необразован или недоволно образован, нестручен и некомпетентен за местото на коешто седнал (а такви се сите овие, до еден!), некои нешта би умеел да ги согледа, па некако и да ги сработи. Или, ако не повеќе, барем би се обидел да „купи ум“, да ангажира некој кој знае да ги сработи наместо него!
Актуелново „мерење мускули“ околу Судскиот совет и Апелација ја потврдуваат ли тезата за свесно, намерно, смислено непостапување односно нанесување штета на државата, а во полза на поединци, кои и да се? Веројатно, како прочем и она смешно првоодделенско „објаснување“ на претседателот на државата за случајот „Таргет-Тврдина” како „клучниот предмет“ односно дека од нелегалното прислушување произлегува сѐ друго, па следствено „(…) ако го немаме ова како дело, немаме ништо друго“? И што треба јавноста да заклучи? Дека слепциве мислеле дека ќе се појават на суд само со УСБ стикчето со прислушуваните разговори и пресудата веднаш ќе дојде? Мислеле дека не треба ништо друго да сработат?
Но, се разбира, овој – сепак најактуелен, но и најтипичен – сегмент е само делче од предолгата листа на апсурдни чекања, колебливи премислувања, необјасниви одложувања, (цинични) извинувања, (лажни) оправдувања… за несработеното, што резултирало во веќе очебијното и отворено нечинење односно непостапување на штета на правото и правдата, функционалната држава, системот, спроведувањето на законите, па и на изборните ветувања. И сето тоа, заедно со повторното изедначување на партијата/партиската врхушка со државата, е еден од главните генератори на одржувањето во живот на системот на старите навики од времето на заробената држава во македонското општество.
Сликата станува уште пострашна кога ги читате/слушате јавните укажувања – колку и да се малубројни – од поединци, невладини организации или дури и опозициски партии, кои стручно и компетентно упатуваат на можните патишта за решавање на проблемите, потенцираат погрешни одлуки и посочуваат на вистинските односно неопходните итн. Власта, оваа неписмена власт којаштои со прст не мрдна да исполни барем едно предизборно ветување, сето тоа упорно го нарекува себепромоција, квазиекспертско рекламирање, и сл.
Сакам да кажам: на едната страна имате молк, криенки, нечинење односно непостапување во полза на државата, од другата страна имате докажани експерти кои ви укажуваат на грешките и ви нудат решенија, но таа – власта – ги игнорира! Зошто? Кој има полза од ваков хаос во државава, кој инкасира огромни добивки од фантастичните цени на струјата (ефектуирани само во Македонија!), кој профитира од билданите цени на сите витални продукти, во чии џебови се слеваат буџетските пари за (наводен) ПР за ОБСЕ, за вработувањата на миленички и миленици од редовите на врхушките на власт… итн.? Заедницата, граѓаните, или само еден грст семејства од владејачката коалиција? Дали заради тоа вака вештачки се одржува хаосот во државава?
Зашто, кога еден форматен експерт од рангот на Петар Гошев вели дека „Нема никаква дилема дека главните структурни дефекти во нашата економија и слабиот капацитет за одговор на кризи од актуелниов вид, суштински се само акумулирани субјективни грешки (неодговорности и тапоумности) на нашите владејачки гарнитури, во период од повеќе изминати децении (…)“, зошто сите се оглушуваат на тоа? И не само на тоа укажување, се разбира, туку и на сите досегашни, вклучувајќи го и она за споредбената инфлација кај нас и во ЕУ (на чијашто „криза“ слепциве се повикуваат)?!
Или, зошто упорно се игнорираат сите компетентни укажувања за (веќе историските!) фелери во правосудниот систем? На пример оние на еден проф. Калајџиев, но и на редица други експерти за тие прашања? Кој тоа во оваа коалиција е постручен и покомпетентен од него/нив па така одважно се прави глув, и слеп? Актуелново туристичко министерче, или претходноно, сега унапредено во вицепремиер за забава со ЕУ?
Или, дали навистина македонското образование спадна на оние Царовска и Шаќири, културата на Бисера, историјата на Драги Ѓоргиев… итн.? И колкав е процентот на незнаење, нестручност и некомпетеност односно на „грешки“ кај нив? Само 30%, 50 или дури 100%? И како воопшто една нормална, рационална, демократска… и просветителска држава смее да си дозволи такви нешта?
Или, ако баш сакате, наредете ги сите ликови во владите од 2017 година наваму и означете колкумина министри, заменици министри, владини советници, директори и остала братија, освен неколкумина, биле навистина стручни и компетентни – теориски и практично, односно поткрепено со соодветна биографија – за ресорите што ги запоседнале? Па следствено, уште ли ќе се чудиме зошто ова ни се случува?
Се разбира, главното прашање е: дали сето ова е плод на случајности и ненамерни грешки или во оваа петгодишна (и во претходната петнаесетгодишна!) македонска епопеја на глупоста има систем? Зашто, дури ни во Македонија не е можен таков, и толкав, збир на случајности едноподруго, таква распиштоленост и аздисаност на целиот државен апарат и ни трошка срам од неукоста, неспособноста, игнорирањето на законите односно непостапувањето по нив и по силата на здравиот разум! Речиси е невозможно во сите овие влади да нема(ло) еден нормален човек кој би се засрамил од целиот тој хаос на нечинење/непостапување, на игнорирање на Устав и закони, на тотална негрижа за граѓаните и државата.
Следствено, нема друг одговор на оваа долготрајна епопеја на глупоста: форсираното непостапување – или, дури, во дадени ситуации и спротивно постапување! – и неразрешување на натрупаните катастрофични проблеми во државава е договорно и планско. Во најмала рака тоа, како што веќе напишав минатиот пат, не е ништо друго туку отворена саботажа на системот со цел негово целосно деградирање до степен на неупотребливост. Но и за тоа постојат одредби во уставот и законите.
Но она што граѓанинот, веќе денес, може да придонесе за конечната разрешница на ова лудило е инвестирањето во нови луѓе, нови политики – и партии, се разбира – коишто, прво, ќе ја докажат својата неинволвираност во сегашниве процеси, но и стручноста, компетентноста и пред сѐ моралниот интегритет пред македонската јавност. Впрочем, токму во ЕУ има такви и слични примери.
извор: Теодосиевски уметност