Сајкоски: Немам прочитано дека Гоце Делчев нешто направил за бугарската држава (ВИДЕО)
Генералниот секретсар на ВМРО-ДПМНЕ порачува бугарските власти да се вразумат, а домашните да поработат на европската агенда.
Во однос на прашањето со Бугарија, и во однос на она за Гоце, од она што го имаме прочитано и што знаеме и анализираме во однос на Гоце Делчев, ние гледаме дека Гоце Делчев се борел за самостојна, независна Македонија, изјави Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ по положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас.
– Немам прочитано и немам видено дека нешто направил за бугарската држава. Бидејќи за некој да биде револуционер на некоја држава требал да се борел и да загинел за таа држава. Гоце Делчев загинал за самостојна и автономна Македонија – рече Сајкоски.
Во врска со можното решение за спорот со Бугарија, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ вели дека треба да се вразумат властите во Бугарија, а домашните власти да поработат на законите.
– Во моментов е потребно сите да бидеме дел од ЕУ. И нашите заложби и гледишта се да бидеме дел од ЕУ. Во однос на спорот со Бугарија и она што тие го бараат можат да си слават револуционери што направиле нешто и за бугарската држава и за македонската држава. Меѓутоа Гоце Делчев јас немам видено дека нешто направил за бугарската држава, за да можат и тие да го слават – рече Сајкоски.
Тој вели дека партијата нема информација што всушност се преговара со бугарската страна.
– Она ние што порачуваме е дека заеднички мора сите да влеземе во ЕУ и да бидеме дел од европското семејство. Но и вразумување од страна на Бугарија, меѓутоа и ангажман на македонските власти. За да бидеме дел од европското семејство треба да ги подобриме и законите, меѓутоа и да направиме се што се однесува на регулатива, што се однесува на безбедност, што се однесува на криминал и корупција и на таков начин најбрзо можеме да стигнеме до европското семејство – вели Сајкоски.