САЈБЕР-БУЛИНГ ИМА, НО НЕ СЕ ПРИЈАВУВА Евидентирани 34 случаи на врсничко насилство

Иако официјално нема пријави, учениците и експертите предупредуваат дека сајбер-булингот е реален проблем.

60

Во Министерството за образование годинава се пријавени 34 случаи на врсничко насилство, но ниту еден за онлајн-насилство, соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска на средба со ученици-активисти кои презентираа иницијативи за побезбедна дигитална средина.

Иако официјални пријави нема, учениците предупредуваат дека сајбер-булингот е реален проблем. Од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје потврдуваат дека досега формално не е евидентиран ниту еден случај на ваков вид насилство.






Министерката Јаневска ги охрабри младите да не молчат кога ќе се соочат со онлајн-насилство.

– Вкупно 34 случаи на врсничко насилство се пријавени годинава во Министерството за образование, но нема ниту еден за насилство преку интернет, а вие велите дека го има. Би ве охрабрила, кога ќе наидете на такво насилство, да го пријавите. Имаме стручни служби што ќе работат и со училиштата и со наставниците, а ако има потреба и со насилникот и со жртватa – порача Јаневска.

Таа им порача на учениците да бидат „мост меѓу интернетот и стручните служби“ и да ги поттикнуваат своите врсници да пријавуваат.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека борбата против сајбер-булингот не може да се води без родителите.

– Родителите често не се научени да се справуваат со сајбер-насилството затоа што тоа не постоело кога тие растеле. Денес е поинакво време и затоа е многу важно да се работи со родителите, но и со училиштата, стручните служби и најмногу со младите – рече Андоновски.

Тој потсети дека веќе една година се реализира проектот „Центар за побезбеден интернет“, кој ќе продолжи и понатаму.

Од УНИЦЕФ посочуваат дека официјални пријави за онлајн-насилство практично нема.

Александра Ивановска од канцеларијата во Скопје информира дека механизмот на МВР „црвено копче“ е сѐ уште недоволно познат.

– Минатата година преку „црвеното копче“ имаше околу четири пријави, иако знаеме дека платформата е наменета за сите видови насилство – истакна Ивановска.

Учениците вклучени во иницијативата #НетБезХејт денеска ги презентираа своите активности, претстојната кампања и прирачникот за справување со онлајн-насилство, кои треба да бидат финализирани до крајот на годинава.

Поврзани содржини